„Јуниверзал хајдроџен“ и „Магникс“ развија нови инструменти што вклучуваат водородни горивни ќелии и електрични погонски единици што ќе го претворат „Де хавиленд канада деш 8“ во патнички авион без штетни емисии

Пол Еременко, поранешниот директор на „Ербас“ и на „Рајтеон технолоџис“, е коосновач на фирмата „Јуниверзал хајдроџен“ со седиште во Лос Анџелес, со која сака да воведе водородна технологија во локалните авиопревозници во рок од три години. Благодарение на огромната побарувачка за чиста енергија, Еременко предвидува бум на технологијата на неговата нова фирма. Тој проценува дека годишната заработка би достигнала до една милијарда долари до 2030 година, а дури до 100 милијарди долари до 2040 година.
За разлика од литиумјонските батерии, високата енергетска густина на водородното гориво е доволна за да се примени кај патничките авиони. Еременко планира „да го активира пазарот“ со развој на инструменти за осовременување на системот на авионот „Деш 8-ку300“, кои ќе вклучуваат горивна ќелија и двоен електричен мотор од два мегавата на „Магникс“, како замена за конвенционалните турбопропелери на „Прат и Витни“. Со тоа овој модел ќе стане најголемиот авион на водородно гориво. Системот за снабдување на „Јуниверзал“ ќе користи два или три модули долги два метри, од кои секој носи две капсули за складирање гасен или течен водород. Покрај тоа што се губат дел од седиштата, предноста на водородните горивни ќелии и нивното одржување ќе оствари „најмалку 25 отсто подобрување“. Во средината на месецов, „Ројтерс“ соопшти дека „Јуниверзал“ потпишал меморандум за соработка со шпански „Ер нострум“ за 11 авиони, со „Равн Алјаска“ за пет авиони и со „Исланд ер груп“ за неодреден број авиони.