Една од поголемите американски авиокомпании „Јунајтед“ откажа еден од нејзините летови, додека други авиокомпании пак, ги пренасочуваат летовите со цел избегнување на Оманскиот Залив, откако Иран вчера собори американски дрон во тој регион, пренесува Си-ен-ен.

– Со оглед на тековните настани во Иран, „Јунајтед“ спроведе темелна проверка на безбедноста на нашите услуги во Индија преку иранскиот воздушен простор – стои во соопштението на авиокомпанијата.

Одлуката да се откажат услугите беше донесена откако Федералната администрација за воздухопловство им забрани на американските авиокомпании да управуваат со авионите над територијата на Персискиот и Оманскиот Залив.

– Зголемената воена активност и разгорувањето на политичките тензии во регионот може да ги доведе во опасност комерцијалните летови – соопштија американските регулатори.

Речиси сите авиокомпании кои имаа закажани летови во оваа област ги прилагодуваат своите операции.