На талибанците државата им се руши пред очи

Според пишувањата на медиумите за актуелните поразителни состојби, Авганистан, кој по напуштањето на странските сили е раководен од талибанскиот режим, би можел да се соочи со длабока економска криза и да се создадат околности во кои на над 14 милиони Авганистанци им се закануваат глад и сиромаштија

Ударот што го доживеа западната демократија со паѓањето на Кабул во рацете на талибанците допрва ќе биде предмет на дебата на голем број експерти. Иако сегашниот приоритет на Западот е евакуација на ранливите групи во земјата, заканата од глад за милиони Авганистанци, во комбинација со конфликтот, сушата и пандемијата, ќе биде новиот предизвик за државата со кој ниту Западот, а уште помалку талибанците ќе можат да се справат.

Ова меѓу другото го пишуваат повеќе светски медиуми, кои опишувајќи ја економската ситуација на земјата по преземањето на власта од страна на талибанците, наведуваат дека развојот на настаните ќе биде допрва горчлив, драматичен и страшен по животите на милиони Авганистанци. Во тој контекст, хрватски „Јутарњи лист“ во својот текст пишува дека е неопходно Светската банка и ООН да соберат најмалку 200 милиони долари најдоцна до крајот на септември и да му помогнат на Кабул, за да може земјата непречено да продолжи да функционира. Во спротивно, според хрватскиот медиум, на државата ѝ се закануваат целосен економски колапс и уште поголема хуманитарна катастрофа.

На 14 милиони Авганистанци им се заканува глад

Во меѓувреме, шефот на Светската програма за храна (ВФП), Дејвид Бисли, ги повика политичките лидери итно да дејствуваат.
– Доаѓа невиден хаос поради неколкуте години суша, конфликтите и економскиот колапс, влошени од ковид. Бројот на луѓе на кои им се заканува глад сега порасна на 14 милиони. На народот на Авганистан му треба помош веднаш – кажа Бисли за Ројтерс.
ВФП предупреди дека на Авганистан му се заканува хуманитарна катастрофа ако таа агенција на Обединетите нации не успее да собере средства за помош наскоро.
Поранешниот американски амбасадор во Кабул, Мајкл Мекинли, смета дека ова е вистинскиот пат. Други предупредуваат дека тоа ќе доведе до зголемен екстремизам и миграција. Во сето овие превирања, Иран испрати помош во гориво и најави дека ќе продолжи да им помага на властите во Авганистан, додека талибанците ги укинаа давачките за тој увоз, за да се намали цената на горивото на домашниот пазар.

Запрена целата меѓународна финансиска помош

Паралелно со ова, ЕУ соопшти дека ќе ја задржи помошта од милијарда евра за Авганистан во следните седум години, додека не добие „цврсти гаранции“ и не види „веродостојни чекори“ на режимот за почитување на основните човекови права. Медиумите пишуваат дека буџетот на Авганистан во минатите години изнесуваше околу шест милијарди долари.

– Ги суспендиравме плаќањата во нашите операции во Авганистан и внимателно ја следиме и оценуваме ситуацијата во согласност со нашите внатрешни политики и процедури – рече портпаролката на Светската банка во Вашингтон. Таа додаде дека длабоко е загрижена за ситуацијата во Авганистан и влијанието врз развојните проекти на земјата, особено оние насочени кон жените. Според Светската банка, оваа институција заедно со партнерите ќе продолжи да ги истражува можностите за понатамошен ангажман, за да се зачуваат тешко постигнатите резултати за луѓето од Авганистан. Досега Светската банка има обезбедено помош од пет милијарди долари за земјата, вклучувајќи 4,8 милијарди долари во субвенции. Во моментов оваа финансиска институција работи на 12 проекти во Авганистан, во вредност од 940 милиони долари.
Во исто време, талибанците го назначија Хаџи Мухамед Идрис, член на економскиот комитет, за нов шеф на Централната банка. Многумина реагираа на овој чекор, бидејќи Идрис нема искуство во водењето монетарна политика. Веднаш по овој потег, во земјата беше објавена одлука за забрана за извоз на старо железо, а талибанците гарантираа дека сите вработени во јавниот сектор ќе добијат плати и дека банките ќе се отворат во „блиска иднина“. Во меѓувреме, талибанците имаат големи надежи за минерално богатство проценето на повеќе од илјада милијарди долари, каде што, според пишувањата на медиумите, Кина е најзаинтересирана за експлоатација на рудиците. Сите овие проекти бараат време, додека на талибанците им се потребни пари сега и веднаш, бидејќи она што доаѓа од трговијата со дрога во моментов нема да биде доволно, наведуваат светските медиуми.


Иако повеќето држави веќе претходно завршија со евакуациските летови, САД продолжија до вчера, до кога беше и последниот рок на претседателот Џо Бајден за повлекување од државата. Во меѓувреме, САД соопштија дека евакуирале 117.000 лица од 14 август, а вкупно 29 држави учествуваа во напорите во кои беа спасени 189.479 лица, заклучно со 29 август. Минатиот четврток, Катар истакна дека помогнал за евакуација на над 40.000 лица до Доха, додека Обединетите Арапски Емирати евакуирале околу 36.500 лица. Велика Британија заврши со евакуацијата во саботата, а британскиот амбасадор во Авганистан, сер Лори Бристоу, изјави дека „не ги заборавиле лицата што сè уште треба да заминат, затоа што заслужуваат да живеат мирно и безбедно“.
Рано утрото во неделата, американската амбасада во Кабул ги советуваше сите Американци што се наоѓаат во близината на аеродромот во Кабул веднаш да ја напуштат областа поради „специфична, веродостојна закана“. Безбедносната тревога ги предупреди американските државјани да ги избегнуваат сите излези на аеродромот, особено јужниот, потоа новото министерство за внатрешни работи и влезот во близината на бензинската пумпа „Панџшир“ на северозападната страна од аеродромот.
Талибанците распоредија борци со „хамви“ и уреди за ноќно гледање, кои ги запленија од авганистанските безбедносни сили, околу аеродромот, откако во четвртокот експлодира бомба во која загинаа 170 авганистански цивили и 13 американски војници. Таканаречената Исламска држава-Корасан презеде одговорност за нападот.