Авганистанските претседателски избори, првично закажани за април, ќе бидат одложени за неколку месеци за да се овозможи време за решавање на техничките проблеми кои се појавија за време на октомвриските парламентарни избори.

– Потребно е уште време за да се верификуваат гласачките списоци и да се обучи персонал во биометрискиот систем за идентификација создаден со цел спречување изборни измами, соопшти Абдул Азиз Ибрахими, заменик портпарол на Независната изборна комисија.

Нов датум за претседателските избори се уште не е одреден.

Последните претседателски избори, одржани во 2014 година, ги одбележаа контроверзи и обвинувања за изборни измами.

Двајцата водечки кандидати, Ашраф Гани и Абдула Абдула, водеа неизвесна изборна трка која влезе во втор круг. Пред објавувањето на резултатите од вториот круг, Абдула изнесе наводи за масовни изборни измами и предупреди дека ќе има големи народни протести.

Тогашниот американски државен секретар Џим Кери интервенираше во спорот и помогна за формирање Влада на национално единство, уверувајќи ја изборната комисија да го одложи објавувањето на резултатите од вториот круг во кој Гани беше пред победа.

Гани бече назначен за претседател на државата, а Абдула доби нова функција претседател на извршната власт. Тој аранжман требаше да трае само две години, но продолжи до денешен ден, резултирајќи со Влада искомпромитирана со длабоки поделби кои ја оставија неспособна да се соочува со се посилните талибанци.