Некогаш столбови на правата за жените и заштитници на маргинизираните групи, Авганистанките кои работеле како судии денес се принудени да бегаат од постојаната опасност која доаѓа од оние кои претходно ги осудиле, а се ослободени од страна на талибанците по падот на Кабул, пренесува „Би-би-си“.

Околу 220 судијки во Авганистан стравуваат од одмаздата на оние кои ги суделе во минатото. Шест од нив, под лажни имиња, ја опишаа проблематичната ситуација во која се нашле откако талибанците дојдоа на власт во земјата.

Судијката Масума досега осудила стотици мажи за мачења, насилства, убиства и силувања. Откако голем број затвореници биле ослободени од талибанците, таа почнала да добива телефонски повици со смртни закани.

– Беше полноќ кога дознавме дека талибанците ги ослободиле затворениците. Веднаш заминавме, оставајќи сѐ што имаме во нашиот дом. Додека се возевме кон излезот на градот, носев бурка за никој да не ме препознае. За среќа, успеавме да ги поминеме талибанските контролни пунктови – вели Масума.

Откако го напуштиле домот, нејзините соседи ја информирале дека група луѓе дошла до нивната куќа. Соседите ги опишале луѓето, а според описот, таа веднаш знаела за кој станува збор. Неколку месеци пред падот на Кабул, Масума осудила маж кој брутално ја убил неговата сопруга на 20 години затвор. Пред да биде затворен, тој ѝ се заканил дека откако ќе излезе на слобода и неа ќе ја снајде истото.

Најмалку 220 поранешни судијки моментно се кријат низ Авганистан, открива истрагата на „Би-би-си“. Сите добиле смртни закани од членовите на талибанците, но и од поранешни криминалци кои тие ги осудиле. Судијките се принудени постојано да ја менуваат локацијата каде што се кријат. Сите исто така откриваат дека нивните домови се пребарувани, а соседите се испрашувани од талибанците за нивната моментна локација.

Како високообразовани жени, судијките претходно ги издржувале нивните семејства. Но, сега, по запирање на нивните плати и замрзнатите банкарски сметки, тие се принудени да бараат помош од нивните роднини. Голем број од овие судијки воопшто и не можат да ја напуштат земјата бидејќи немаат доволно пари, а дел од нивните семејства немаат документи и пасоши.

– Заглавени сме. Не знаеме што да правиме. Нема друг излез. Не можеме да избегаме во ниту една друга земја, дури ни во Пакистан – вели за судијката Санаа.

Како едни од најистакнатите женски јавни личности во нивната земја, шесте судијки велат дека се соочувале со малтретирање и за време на нивната кариера, долго пред талибанците да ја преземат контролата врз земјата.

– Сакав да ѝ служам на мојата земја, затоа станав судијка. Најчесто судев случаи во кои жени сакаа да се разделат од нивните мажи, кои честопати беа дел од талибанските групи. Тоа претставуваше опасност по нашите животи. Талибанците дури истрелаа ракета врз судот во кој работев – вели Масума.

Неколку земји, меѓу кои Нов Зеланд и Велика Британија, понудиле помош, но судијките не се надеваат дека таа помош воопшто ќе смени нешто во нивната ситуација.

– Понекогаш се прашувам кој е нашиот грев? Тоа што сме образовани? Тоа што се обидувавме да им помогнеме на жените и да ги казниме криминалците? Јас ја сакам мојата земја. Но, сега сум нејзин затвореник. Не можеме да заминеме. Не знам како да му објаснам на мојот син зошто не смее да зборува со другите деца или да си игра со нив. Тој веќе е трауматизиран. Можам само да се молам да дојде денот кога повторно ќе бидеме слободни – заклучува Масума.