Новообјавените интервјуа за војната на Американците во Авганистан откриваат координирани обиди за спинување и сомнителни процени во позадината на „бесконечната војна“

Автори: Рави Агравал и Кетрин Салам

Форин полиси

„Вашингтон пост“ ја објави таканаречена „тајна историја“ на американската војна во Авганистан, која опфаќа 2.000 страници со интервјуа на високи американски претставници и други лица директно вклучени во конфликтот. Содржината, која е дел од доверливите владини извештаи за воените напори, дава вистинити и шокантни откритија околу тоа како американски политичари и генерали објавувале во јавноста погрешни информации за текот на војната.

„Авганистанските документи“ како што „Вашингтон пост“ го нарекува извештајот, во обем и до најситни детали потсетуваат на „пентагонските документи“ од периодот на војната во Виетнам што ги објави „Њујорк тајмс“ во 1971 година. Во двете војни, „претседателите и генералите биле свесни со што се соочуваат, но не сакале тоа да го признаат пред американскиот народ“, наведе Даниел Елсберг за Си-ен-ен и воедно тој беше оној кој во јавноста ги обелодени „пентагонските документи“.

Позитивна пристрасност

Мајкл Флин, поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, беше директор за разузнавање на Меѓународните сили за безбедносна помош во Авганистан (ИСАФ) од 2009 до 2010 година. Неговото сведоштво е само едно од многуте вознемирувачки искази за американските воени напори. Тој во едно интервју изјави дека „постои силна пристрасност во разузнавачката заедница, затоа што таа сака да добие пари, да е постојано присутна и да се шири“.

Појаснувајќи зошто теренските разузнавачки извештаи биле претежно негативни за разлика од извештаите за позитивен напредок што беа презентирани пред американската јавност, Флин изјави дека политичарите „сакале прогнозите да бидат оптимистични“ во нивните процени. Понатаму во интервјуто тој вели дека „постои цела машинерија која стои зад сè и не сака да се стави крај на конфликтот затоа што тој носи многу пари“.

Нејасни процени

Друго интервју со неименуван претставник од Советот за национална безбедност дава јасен обид воените напори да се прикажат како успеси. Тој вели дека „било невозможно да се создаде добра процена. Во процените се користеле бројот на обучени војници, нивото на насилство, контролата врз територијата, но ништо од тоа не давало јасна слика. Сепак, ваквата практика продолжила поради две причини, односно сите да бидат претставени во добро светло и да изгледа дека ако војниците и ресурсите бидат повлечени, тоа ќе има сериозно влијание и ќе ѝ наштети на државата“.

Трајно наследство

Поради ваквиот нов развој на настаните треба да се размисли за состојбата на народот во Авганистан. И покрај тоа што Вашингтон повторно сака да ги воспостави мировни преговори со Талибан, сепак потфрлија демократските обиди во таа држава. Претседателските избори што се одржаа во септември не дадоа јасен победник, а со тоа што наближува зимата во Авганистан, реизборот се чини дека ќе биде закажан наредната година. Поминаа осумнаесет години од избувнувањето на војната, а ова е вистинското наследство на Вашингтон.

Превод: Билјана Здравковска