Најмалку девет лица, главно цивили, по грешка се убиени за време на рација на авганистанскитре сили на една куќа во источната провинција Нагархар, соопштија денеска локалните власти.

Убиените се членови на семејството на претседателот на Горниот дом на авганистанскиот Парламент Фазал Хади Муслимјар.

Гувернерот на провинцијата Хајатула Хајат изјави дека уште осум лица се ранети за време на рацијата, спроведена доцна синоќа во областа Чапархар.
Меѓу жртвите е и командантот на локалните полициски сили.

Хајат рече дека од куќата се слушнала пукотница, но по операцијата било утврдено дека жртвите се главно цивили.

Покрената е истрага која би требало да утврди како операцијата резултирала со цивилни жртви.

Според последните податоци на Обединетите нации, во првите три месеци од годината во Авганистан се убиени 763 цивили и 1.495 ранети, што во просек е сличен биланс како и во претходните две години.