Ќе порасне ли наталитетот за време на карантинот

86
Зголемувањето на стапката на невработеност во САД може да го отежни чувањето деца

Голем број светски медиуми во своите информации истакнуваат дека сѐ позачестени се причините зошто двојките не треба да зачнуваат дете за време на карантинот инициран од пандемијата на вирусот ковид-19

Во период кога светот пополека се навикнува да функционира на физичка дистанца, двојките сѐ почесто во своите домови имаат многу послободно време да поминат заедно. Во своја информација на темава американската телевизија Си-ен-не пишува дека во едни такви околности природно е да се очекува дека во државите е можен беби-бум за девет месеци отсега. Од друга страна, во контекст на актуелните случувања, секретарот на националниот трезор на САД, Стивен Манчин, предупреди дека во наредниот период е можно земјата да се соочи со црно сценарио од 20 проценти повисока стапка на невработеност и истакна дека работните позиции на двојките се во ризик да бидат изгубени, поради што многу ќе се отежни и самото чување на децата.

Од друга страна, пак, властите во Кина регистрирале интересен тренд, кој покажува дека карантинот во оваа земја предизвикал и драстично зголемување на разводите меѓу двојките, што наведува на заклучокот дека заеднички поминатото време практично лошо влијае на брачните релации кај граѓаните.
– Јас не верувам дека за девет месеци отсега ќе ни се случи сценарио за беби-бум – изјавила за Си-ен-ен д-р Рене Веленштајн, претставничка на њујоршка болница.
Според докторката, во помали кризи од актуелнава, сосема е очекувано да се зголеми наталитетот на населението. Таа посочила пример кога во северните сојузни држави на САД растел наталитетот поради одреден застој на функционирање на населените места од природни непогоди за време на зимските месеци.

Слични наоди како Веленштајн имаат и истражувањата на Универзитетот во Тексас и универзитетот „Џон Хопкинс“, кои во своите истражувања во 2007 година заклучиле дека природните непогоди, па дури и подолгите недостатоци на струја во домовите, кај граѓаните резултирале со пораст на населението.
Но од друга страна, пак, природните непогоди со посилен катастрофален епилог, во кој голем број население било принудено да се исели од домовите, што некаде резултирало и со намалување на наталитетот во населените места во кои се случиле всушност овие појави.

Лиман Стоне, истражувач на Институтот за семејни студии во САД, пак, во своја анализа на темава, објавена во март, истакнува дека болеста, карантинот и стравот од смртта резултирале со намалување на бројките на бремени и со намалување на бројот на новороденчиња. Во својата студија Стоне користел официјални податоци добиени од државите за немилите случувања, како ураганите Марија и Катерина во САД, избувнувањето на вирусот ебола во Либерија, Сиера Леоне и Гвинеја во 2015 година. Овие случувања резултирале со намалување на новороденчињата. Сепак, Стоне во својата теза дал и спротивни примери, во кои кубанската ракетна криза во 1960-тите и терористичките напади во 2000-тие во Оклахома, пак, биле обратнопропорционални од претходниот случај и тие стимулирале пораст на бројот на новороденчињата на местата каде што се случиле овие настани.

Во меѓувреме, во својата анализа Си-ен-ен додава дека затруднувањето е личен избор и дека секој што размислува во овој момент да се одлучи на ваков чин најпрво треба да се советува со доктор, бидејќи во моментов има илјадници фактори што индивидуално влијаат на ваквата одлука.
– Иако да се биде завеан во снег е романтично, пандемијата на вирусот ковид-19 може да се покаже како стресна за двојките – вели еден доктор за американскиот медиум.
Во својот осврт на настаните медиумот потсетува дека во исто време постојат десетина фактори што влијаат на ризикот по здравјето на бремените жени, а како најголем фактор е оној дека медицинската нега сега повеќе кога од било не е достапна за населението, бидејќи приоритет имаат оние пациенти што се заразени со ковид-19. Магазинот на американската медицинска асоцијација на доктори (АМАД) пишува дека во овој момент е тешко да се предвидат долгорочните последици од заболувањето на оние мајки што на овој свет ќе донесат новороденчиња, а тоа еднакво важи и за родителот и за детето.

Дополнително, Си-ен-ен наведува дека можеби во овој момент е попаметно да се почека да помине пандемијата, а дури потоа да се размислува за зголемување на бројот на семејството. Како историски пример на беби-бум, телевизијата ги посочува Американците родени по Втората светска војна, во 1946 година.