Ќе може ли Фон дер Лејен да ги исполни ветувањата?

52

Новата претседателка на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лејен, во нејзината кратка кампања имаше многу различни ветувања, во обид да ги убеди пратениците од Европскиот парламент (ЕП) да гласаат за неа. Сега, многумина се прашуваат дали таа во следните пет години ќе може да ги спроведе овие ветувања, особено поради фактот што тие не зависат само од нејзината политичка способност, туку и од ЕП и од составот и поддршката од Советот на Европа, анализира „Дојче веле“.

Урсула фон дер Лејен сака драстично да ги намали емисиите на јаглерод диоксид и да предложи нов закон во првите 100 дена од нејзиниот мандат. Идејата е емисиите да се намалат за 50 до 55 отсто до 2030 година. Досега, земјите-членки не успеаја да најдат заеднички јазик за конкретната цел околу ова прашање, и нејасно е до кој степен тие ќе ги поддржат политиките за животната средина на Фон дер Лејен.

Европската Унија е длабоко поделена околу прашањето за миграцијата и за тоа како да се справи со мигрантите и барателите на азил кои доаѓаат преку Медитеранската и Балканската рута. Фон дер Лејен има намера да го зголеми капацитетот на пограничната агенција Фронтекс, иако тоа е малку веројатно поради тоа што членките на ЕУ повеќе пати го одбија овој чекор. Од „Дојче веле“ сметаат дека таа има поголема поддршка од ЕП отколку од индивидуалните земји-членки за прашањето за миграцијата.

Меѓу другите ветувања, голем потфат на Фон дер Лејен ќе биде и креирањето на баланс меѓу западните и источните членки, малите и големите земји во Унијата, како и целосен родов баланс меѓу мажите и жените претставници. Исто така, тука е прашањето и за владеењето на правото и истрагите за Полска и Унгарија која таа ги најави, системот за кандидатура и реформи во начинот на предложување на европски закони, ветувања кои исто така ќе претставуваат голем предизвик на новата претседателка на ЕК.