Разоткриен лажниот сјај на успехот на Трамп

589

Дали извештајот за даноците во „Њујорк тајмс“ ќе го потоне Доналд Трамп? Информациите за неплаќањето данок го разоткри Трамп како измамник, покрена сериозни прашања и разгневи дел од неговите најжестоки поддржувачи 

Уште од мигот кога Доналд Трамп најави дека ќе се кандидира за претседател на САД, тој се фалеше дека е успешен бизнисмен кој може да води успешна економија. Тоа беше слика создадена во текот на една деценија, уште откога тој во неговото реално ТВ-шоу одлучуваше за судбината на надежните претприемачи, од кои повеќето на крајот ги слушнаа зборовите „вие сте отпуштени!“, пренесува „Гардијан“. 

Но, во неделата, маската на Трамп конечно падна. Според истрагата на „Њујорк Тајмс“ за неговите даноци, самопрогласениот милијардер, персонификација на хедонизмот и екстравагантноста во 1980-тите, изгубил повеќе пари отколку што заработил.

Според трите клучни точки на извештајот на „Њујорк Тајмс“, Трамп не е многу добар во водењето бизниси, Трамп е многу добар во избегнувањето да плаќа даноци и
Трамп може да има сериозен судир на интереси со странски сили. Но, што од ова ќе има влијание врз шансите да биде повторно избран за претседател на САД?

Трамп прогласи загуба од 1,4 милијарди американски долари во неговите деловни активности за 2008 и 2009 година. Се чини дека тој лично гарантирал заеми во вкупна вредност од 421 милион американски долари, повеќето од кои сега треба да се исплатат во рок од четири години.

– „Њујорк Тајмс“ го откри тоа во што многумина се сомневаа, Трамп е измамник и тој не е тоа што тврди дека е. Трамп тврди дека е успешен бизнисмен што склучува зделки, кој започнал од нула, но неговите даночни записи откриваат дека тој всушност е спротивното. Тој е измамник кој не плаќа даноци – изјави Хоакин Кастро, конгресменот на Демократската партија од Тексас. 

Трамп не платил данок на федерален доход за 11 од 18-те години што ги испитуваше „Њујорк Тајмс“, како што се тврди во извештајот. Во 2016 и 2017 година, неговата сметка за данок беше само 750 долари, значително помалку од речиси секој граѓанин на САД. Ова укажуваше на поширока приказна за избегнување данок од страна на богатите елити на САД.

– Тој знае подобро од кој било дека има едно правило за богатите и големи корпорации, а сосема друго за вредните Американци од работната класа. Наместо да ја искористи својата моќ да го промени тоа, тој го употреби тоа за себеси – објави на Твитер сенаторката Елизабет Ворен. 

Дел од неконтролираниот ентузијазам на митинзите на Трамп можеби доаѓа од луѓе кои се гледаат себеси во него. Некои негови гласачи, доколку им се укаже шанса, би биле повеќе од среќни и самите да ги заобиколат правилата за да заштедат неколку долари.

Кога Трамп ја продава приказната за дека е „аутсајдер“, кој не говори како образованата елита, но сепак се самозбогатил и има модел за сопруга, неговите приврзаници се чини дека гледаат како милијардер кој успеал да го оствари „американскиот сон“.

Тука се и оние приврзаници кон култот на Трамп кои малку обрнуваат внимание на извештаите на „Њујорк Тајмс“ или објавите на Твитер. Аферите за данокот на Трамп беа објавувани и претходно, односно во врска со семејниот бизнис од октомври 2018 година. Но, новата истрага на „Тајмс“ покренува дополнителни, дури и поштетни прашања.

Во првите две години како претседател, Трамп доби 73 милиони долари од зделки за лиценцирање од странство, вклучувајќи 3 милиони долари од Филипините, 2,3 милиони долари од Индија и еден милион долари од Турција. Во 2017 година, тој плати 145.400 долари данок во Индија и 156.824 на Филипини, но само 750 долари во САД додека се расфрлаше со пофалби за лидерите на овие три земји. 

Дали значителниот приход на Трамп од странство е во спротивност со неговите одговорности како претседател? Дали тој го става својот личен интерес пред американскиот народ? Дали со тоа тој го прекршува законот? „Тајмс“ вети дека ќе следат повеќе стории за неговите даноци. Со тоа веројатно нема да ја разнишаат вербата на неговите најлојални гласачи, но можеби тоа ќе биде доволно да оттргнат доволен број гласачи за да направат голема разлика во претстојните претседателски избори.