Јункер: Неприфатливо е Туск да се споредува со Хитлер и Сталин

96

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денеска изјави дека целосно неприфатливи се споредбите на официјалниот претставник на ЕУ, Доналд Туск, со Јосиф Сталин и Адолф Хитлер, како што тоа го направила полската државна телевизија, пренесува „Ројтерс“.

Туск, поранешниот полски премиер и главен ривал на националистичката партија Право и правда (ПИС), која сега е на власт, упати жестоки критики на сметка на владата во говорот за време на посетата на Варшава минатата недела.

Полската државна телевизија, за која многумина веруваат дека е контролирана од страна на владејачката партија, се обиде да го дискредитира Туск опишувајќи го како политичар кој е повеќе склон да им служи на интересите на Германија, отколку на полските интереси, пренесува агенцијата.

Имено, покрај сликата на Туск, на прилогот кој телевизијата го емитувала биле прикажани слики на Сталин и Хитлер.

Во својот говор во Варшава, Туск им порача на евроскептиците од ПИС да престанат да го кршат владеењето на правото и Уставот на Полска.

Коментарите се случија среде растечките шпекулации за можно враќање на Туск на полската политичка сцена, по истекувањето на неговиот мандат на функцијата претседател на Европскиот совет.

– Доколку ова (споредбата со Хитлер и Сталин) е можно, тоа мора да е поврзано со целокупната политичка атмосфера во земјата и не ми се допаѓа. Сметам дека овие коментари се сосема неприфатливи – рече Јункер на прес-конференцијата во Брисел.