Јункер идната недела на средба со Трамп

32

Првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер идната недела доаѓа во посета на Вашингтон, каде ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, во време кога ЕУ и САД се наоѓаат во сложени политичко-трговски односи.

Трамп и Јункер ќе се сретнат во Белата куќа в среда, при што се очекува да разговараат за економски и безбедносни прашања.

Американскиот претседател досега многупати ја критикуваше ЕУ, останувајќи верен на протекционистичката економска политика на неговата Администрација. Ова резултираше во трговска војна со ЕУ со воведување на американските царини за челик и алуминиум увезени од блокот на 28-те европски земји.

Од своја страна ЕУ одговори со воведување на увозни тарифи за американски производи, со што предизвика Белата куќа да најави нови мерки како царини на увоз на автомобили од ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, на средбата Трамп-Јункер идната недела копјата најверојатно ќе се кршат на полето на трговијата.

Според Трамп, досегашните состојби на трговски план помеѓу двете страни не биле фер за САД. Белата куќа при крајот на 2016 година ги прекина преговорите за постигнување на Трансатлантско трговско и инвестициско партнерство (ТТИП), со кој се предвидуваше сестран економски развој, но кој имаше и противници од обете страни.

Американскиот претседателот не е задоволен и со други прашања како нуклеарниот договор со Иран и дозволите од Германија за изградба на уште еден гасовод со Русија преку Балтичкото Море – „Северен тек 2“.

Во деновите што изминаа тој упати повеќе критики до раководствата на земјите од ЕУ, пред се до Германија и Велика Британија.

Воочи Самитот на НАТО во Брисел, американскиот претседател изјави дека во однос на енергетската политика, Берлин работи во интересите на Русија. За време на посетата на Лондон, пак, за британската премиерка Тереза Меј рече дека не се справила добро со Брегзитот и дека поранешниот министер за надворешни рабти Борис Џонсон би бил подобар премиер од неа.

Во соопштението од Еврокомисијата за претстојната посета на Јункер се вели дека тој „ќе отпатува за Вашингтон на 25 јули 2018 година, каде ќе биде примен од претседателот Доналд Трамп во Белата куќа“.

Се додава дека двајцата лидери ќе дискутираат за продлабочување на соработката помеѓу ЕУ и САД во бројни приоритетни области како надворешната и безбедносната политка, борбата против тероризмот, енергетската сигурност и економскиот развој.

– Претседателот Јункер и претседателот Трамп ќе се фокусираат на подобрување на трансатлантската трговија и поцврсто економски партнерство, се вели во соопштеието од Европската комисија.

На средбата Јункер ќе беде придружуван од еврокомесарката за трговија Сесилија Малмстром.