Јункер: За Британија е подобро јас да сум британски премиер

137

Шефот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, порача дека за Британија би било подобро доколку тој ја замени Тереза Меј на премиерското место. Запрашан за состанокот на Меј со нејзините министри, на кој се разговарало за односите меѓу Британија и ЕУ по брегзит, Јункер изјавил дека би било добро да е премиер.
– Но не сум, ќе ги коментирам резултатите од состанокот на британската премиерка кога ќе го добијам точниот заклучок од тој разговор. Британската влада и парламентот треба да одговорат на сите прашања што се поставуваат во нивната земја – истакна првиот човек на ЕК, по состанокот на шефовите на влади на ЕУ.

Состанокот во Брисел беше фокусиран на наоѓање заеднички став за тоа како ЕУ може да отвори финансиска „црна дупка“, бидејќи Британија го напушта европскиот блок.
Тереза Меј меѓутоа не беше поканета на состанокот на шефовите на влади на ЕУ 27, бидејќи лидерите инсистирале да не разговараат за брегзит. Токму во групата ЕУ 27 се очекуваат разговори за мигрантската политика и политиката за азил на ниво на Унијата, откако германската канцеларка Ангела Меркел побара земјите што прифаќаат поголем број мигранти да добијат повеќе помош од ЕУ.

Единствен лидер што го коментирал брегзит бил холандскиот премиер Марк Руте, кој порача дека излегувањето на Британија нема да биде разорно за неговата земја. Руте додал дека групата ЕУ 27 е обединета во желбата за блиски односи со Британија по брегзит и ја повика Меј да биде што појасна во предлозите на официјален Лондон.
Во меѓувреме, британските медиуми јавуваат дека Меј на 2 март ќе ја претстави својата визија за партнерство со ЕУ по брегзит, кој треба да почне на 29 март 2019 година, точно две години од почетокот на процесот за излегување, пренесува Ројтерс.