Јункер добил од Путин илустрација на светските империи

379

Регистарот покажува дека во минатиот состав на ЕК, најмногу подароци, по претседателот Жан-Клод Јункер, добила комесарката за трговија Сесилија Мелстром, која била дарувана дури 17 пати. По нив следува комесарката за транспорт Виолета Булк, која добила 15 подароци. Овие подароци се сметаат за своевидна политичка порака од дарителите до европските функционери, пренесува „Политико“

Еврокомесарите добиваат најразлични подароци од светски политичари и бизнисмени, како што се статуа на Мохамед Ганди, очила за сонце „реј-бан“ и скапи часовници. Но тие не смеат да ги задржат скапоцените и вредни подароци, кои се складираат во Берлемон или се донираат во хуманитарни цели. Овие подароци се впишуваат во малку познатиот регистар, како дел од правилата за транспарентност на комисијата. Регистарот покажува дека во минатиот состав на ЕК, најмногу подароци, по претседателот Жан-Клод Јункер, добила комесарката за трговија Сесилија Мелстром, која била дарувана дури 17 пати. По нив следува комесарката за транспорт Виолета Булк, која добила 15 подароци. Овие подароци се сметаат за своевидна политичка порака од дарителите до европските функционери, пренесува „Политико“.

Податоците од регистарот, исто така, покажуваат дека најмногу подароци се даруваат кога европските функционери се на почетокот од нивните мандати. Во 2015 година, членовите на комисијата добиле вкупно 24 подароци. Затоа, во 2019 година, бројот на подароци се намалил на само четири: два за Јункер и два за Мелстром. Новата претседателка на ЕК Урсула фон дер Лејен на почетокот од мандатот веќе доби подарок од етиопскиот премиер Абиј Ахмед – шарен шал со африкански мотиви. „Политико“ наведува дека Брисел има долга традиција на дарување: ротирачките претседателства со Советот на ЕУ честопати ги даруваат дипломатите и новинарите со вратоврски, книги, па дури и со грамофонски плочи. Но финското претседателство, чиј мандат беше од јули до декември, ја прекина оваа традиција, и не понуди никакви подароци.

Интересен е подарокот од рускиот претседател Владимир Путин до доскорешниот прв човек на Еврокомисијата. Станува збор за илустрација на светските империи по падот на Римската Империја, како и копија од портокалово фаберже-јајце. Покрај тоа, Јункер од Европскиот ревизорски суд добил сребрена рамка со десет поштенски марки од Луксембург. Претседателот на Монголија Батулга Калтма на почетокот од годинава му подарил на Јункер традиционален монголски портрет на двајца јавачи на коњи.

Кога станува збор за еврокомесарката Булк, нејзините дарувачи биле доста креативни. Па, така, Френк Бренер, претседателот на организацијата за авионавигација „Евроконтрол“, во 2016 година ѝ подарил „ејпл ајпд про“. Истата година еврокомесарката добила скап женски часовник, вреден 6.900 евра. Подарокот го испратил Јасим Бин Саиф ал Сулаити, катарскиот министер за транспорт и комуникации. Од градоначалникот на Милано Џузепе Сала, Булк во 2018 година добила мала слика од Миланската скала.

Од друга страна, досегашната шефица на европската дипломатија Федерика Могерини во 2015 година добила волнен џемпер од познатиот бренд „Сент Џејмс ателје“. Испраќачот на овој скап подарок бил бившиот француски министер за надворешни работи Лорен Фабиус.