Јужнокорејците бараат импичмент на Мун Јае-ин

36

Петицијата со која се бара импичмент на јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин собра повеќе од 217.000 потписи и со тоа го надмина минимумот потребен за владата да одговори на барањето, кое е само уште еден знак за опаѓачкиот рејтинг на претседателот Мун.

Авторот на онлајн петицијата не е познат, но вели дека тој или таа е државјанин кој учествувал во протестите во 2017 година, кои помогнаа да се отстрани од власт претходничката на Мун, Парк Гун-хје.

– Мислам дека нема проблем за предлагање импичмент на претседател кој делува против нацијата – се вели во петицијата на страницата за петиции што претседателската канцеларија ја одржува на својата веб-страница.

Владата треба да одговори на секоја петиција со над 200.000 собрани потписи.

Подносителот на петицијата  додава дека Мун го одобрува нуклеарниот развој на Северна Кореја, проблемите со човековите права и нелегалното претопување на севернокорејскиот јаглен, додека „дејствува бесмислено“ со намалувањето на воената подготвеност додека Северна Кореја продолжува да развива нуклеарно оружје.

Портпаролката на сината куќа, како што претседателската канцеларија уште е позната, рече дека владата на Јужна Кореја ќе одговори на петицијата во најкус можен рок.

Иако Мун има поголема поддршка од народот во споредба со неговите претходници, стагнирањето на економијата и преговорите со Северна Кореја  резултираа со намалување на таквата поддршка.

На една неодамнешна анкета, 44 отсто од испитаниците одговориле дека се незадоволни од работата на претседателот, што претставува четирикратно зголемување во споредба со минатата година, кога рејтингот на Мун беше на највисоко ниво. Анкетата, исто така, покажа и дека 50 отсто од испитаниците се незадоволни од економските политики на претседателот.