Јужна Кореја во исчекување додека потрагата во Дунав се соочува со проблеми

260
Нуркачи ги бараат исчезнатите туристи во потонатиот брод на дното на Дунав

Јужна Кореја е во исчекување на новости за судбината на нејзините граѓани, откако властите во Унгарија најавија дека нуркачи ќе ги бараат исчезнатите во бродската несреќа во Дунав. Во трагичната несреќа загинаа барем седуммина туристи од Јужна Кореја, а 21 турист се води за исчезнат, вели министерот за надворешни работи на Јужна Кореја, пренесува „Кореја хералд“.

Бродот на кој се наоѓале туристите потонал за само неколку секунди по сударот со луксузниот крузер „Викинг“ поради немарност на капетанот на крузерот, велат од унгарската полиција.

Од Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја соопштуваат дека унгарските власти се обиделе да го извлечат бродот од дното со помош на кран, но обидот бил неуспешен поради надојдената вода по вчерашните обилни дождови.

– Доколку временските услови се подобрат, очекуваме дека вадењето на бродот од дното на реката нема да трае долго, бидејќи се работи за длабочина од околу три метри – велат од министерството за надворешни работи.

Во Будимпешта потрагата по настраданите веќе е во тек, а во неа учествуваат неколку хеликоптери и полицијата, како и крајбрежната стража на Унгарија.

Од вчера не беа пријавени дополнително пронајдени жртви, ниту преживеани од несреќата. Од 33-те јужнокорејски туристи кои беа на бродот, седуммина беа спасени, а други седум беа пронајдени мртви, а 19 се водат за исчезнати заедно со двајца унгарски членови на екипажот.

Телата на две жени на околу 50-годишна возраст веќе се идентификувани, благодарение на нивните лични карти. Останатите пет тела допрво треба да се  идентификуваат со помош на отпечатоци од прсти или ДНК-тестови.

Заменик-министерот за надворешни работи Ли Тае-хо, кој претседаваше на средбата во Центарот за мерки и безбедност за време на катастрофи изрази фрустрација поради недостатокот на резултати од потрагата по настраданите во несреќата.

– Жално е што нема никаква новости ниту промена во ситуацијата – изјави Ли.

Тој објасни дека Унгарија побарала помош за потрагата по настраданите од Србија, Хрватска, Романија и Украина, земји во кои тече реката Дунав. Србија веќе има мобилизирано 15 нуркачи кои ги бараат телата на жртвите.

Утрово, повеќе од 40 роднини на настраданите заминаа во Унгарија поради несреќата која ненадејно им ги промени животите.