„Јас го создадов отровот што му го дадоа на Скрипал“

339

Британските медиуми не ја напуштаат приказната околу нервниот отров со кој беше затруен поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал. Така Би-би-си емитуваше разговор со Владимир Углев, научник кој признава дека помогнал да се развие нервниот агенс „новичок“ кој стана познат откако од него настрада Скрипал.

-Целта беше да се произведе многу посилна супстанца од нервниот агенс VX, дури и десет пати посилна. Ние го направивме тоа тврди 71-годишниот Углев.

На прашањето „ако е отровот толку силен, како преживеал Скрипал“, Углев тврди дека рускиот агент примил само мала доза.

Неделава беше објавено дека отровот е доставен во течен облик. Углев е свесен за својата одговорност.

– Ова не се први жртви што ги носам на душа. Би можел да набројам уште десетина луѓе отруени со истата супстанца – вели Углев кој работел во државната лабораторија во Саратовската област на југозападот на Русија. Вели дека и самиот тој еднаш учествувал во инцидент со новичок.

– Тоа беше новичок А-240. Притоа ми искипа на мојата десна рака. Веднаш ја ставив во хлороводородна киселина и ја измив со пероксид – објаснува научникот, додавајќи дека тој и Скрипал настрадале од истиот тип на новичок.