Што треба да знаеме за вакцините против коронавирусот во Европа

78

Многу нешта се случија во рок од две недели, додека фармацевтските компании „Фајзер“, „Бионтек“ и „Модерна“ ги надминаа очекувањата кога соопштија дека два посебни кандидати за вакцини покажале успешност над 90 отсто. Сепак, иако вакцините ветуваат многу, не се магично решение. Ова меѓу другото го наведува угледниот магазин „Политико“, кој посочува дека сѐ уште постојат нејаснотии во Европа за нивниот ефект и трајност, а исто така претстои и трката која држава прва ќе ја добие вакцината. Шефицата на Европската агенција за лекови (ЕМА), Емер Кук, изјави дека очекува некоја од вакцините веќе да „биде одобрена пред крајот на годинава.“ Но за тоа дали ќе биде доволна една вакцина, Кук кратко објаснува дека не. Во меѓувреме, иако вакцините се произведени во рекордно време, сепак се со добар квалитет, наведува магазинот. Според „Политико“, брзината го одразува фактот што фармацевтските компании и владите вложија огромни суми пари за да се постигне голем напредок. Од друга страна, интересно е што во Европа противниците на вакцинирањето се во подем, а неверувањето во вакцините е најизразено во Франција.

Експертите велат дека е најдобро во периодот што следува владите да ги разјаснат мерките што ќе ги преземаат за вакцините. Паралелно на ова, трката за набавка на вакцината во Европа и во САД се усложнува поради трансатлантските партнерства. Тоа може значително да го компликува процесот на испорака на вакцината. Во таа насока, ЕК минатата пролет одржа два големи виртуелни настани, на кои се договори еднакво да ги дели вакцините на земјите од континентот.