Што сака Германија од Европа

236

Канцеларката Ангела Меркел сака да обезбеди германски сојузник на челната функција во наредната Европска комисија. Идеалниот кандидат не би бил Германец, но би ги поддржувал реформите што ги сака Берлин. Ако успее во тоа, Меркел ќе го осигури своето европско наследство, оценува „Политико“

Додека Брисел се подготвува за уште еден бесконечен говор при годишното обраќање до европските граѓани и за новите европски избори наредната година, вистинското прашање што виси над главата на ЕУ е дали германската канцеларка Ангела Меркел конечно ќе ја надмине хроничната нервоза на Берлин секогаш кога треба отворено да ја покаже својата моќ и јасно ќе стави до знаење дека ја сака претседателската функција во Европската комисија, посочува американскиот магазин „Политико“.

Германската лидерка изминатиот месец во врска со одлуката се консултираше со сите: од францускиот претседател Емануел Макрон преку актуелниот претседател на Комисијата Жан-Клод Јункер, па сѐ до хрватскиот лидер Андреј Пленковиќ. Нејзиниот заклучок? Никој не знае, па можеби дури ниту самата Меркел. Канцеларката има долгогодишна аверзија дека ризикот и отвореното барање на оваа висока функција во ЕУ би бил брз, непресметан потег со непредвидливи последици, нагласува „Политико“.
Голем број земји на ЕУ веќе се жалат за растечката доминација на Германија. ЕУ веќе се соочува со многубројни предизвици, од миграцијата преку брегзит до заладените односи со САД, па Меркел ќе мора да одлучи дали предностите од добивањето близок германски сојузник на челната позиција во Европската комисија ги надминува ризиците од острите реакции против Берлин.

Типично за Меркел, таа реши да чека и да гледа. Неодамна, канцеларката се согласи да ја поддржи кандидатурата на Манфред Вебер, парламентарниот лидер на Европската народна партија (ЕНП), за главен кандидат на централнодесничарската група на европските избори, но истовремено јасно стави до знаење дека нејзината поддршка не значи и дека таа сака токму тој да биде наредниот претседател на Комисијата на ЕУ.

На девет месеци до изборите за Европскиот парламент, Меркел би можела мудро да ги држи сите опции отворени. Релативната неискусност на Вебер би ѝ овозможила полесно да го избегне по изборите ако сака, особено ако ЕНП загуби голем број пратенички места. Се очекува партијата да заврши на првото место, но актуелните избори најавуваат и значителни загуби поради можните добивки на популистичките партии.

Освен Вебер, луѓето блиски до канцеларката имаат и други кандидати за функција, меѓу кои и министерот за економија, Петер Алтмаер, и министерката за одбрана, Урсула фон дер Лејен, кои се и еврофили и долгогодишни лојалисти на Меркел. Идеалниот кандидат на Меркел би бил псевдогерманец, односно некој без германски пасош, кој сепак би ја спроведувал агендата на Берлин. Со други зборови, некој друг Јункер.

Сепак, поважно од самата личност е тоа што Меркел се надева да го стори со функцијата. Одлуката на Меркел јавно да ја бара функцијата ќе сигнализира дека канцеларката има агенда за оваа позиција и за целата ЕУ, а тоа само по себе ќе биде сензација. Еврофилите во изминатите неколку години предвидуваа дека Меркел ќе застане зад смелите реформи на ЕУ, но на крајот останаа разочарани. Иако доби пофалба за помошта да ја предводи Европа низ огромни кризи во изминатите години, германската лидерка не остава вистинско европско наследство.

Бидејќи часовникот немилосрдно чука, а многумина веруваат дека ова е последниот мандат на Меркел како канцеларка на Германија, изборот на наредниот претседател на Kомисијата најверојатно претставува нејзина последна и најдобра шанса да остави вистински белег во Европа. Ако сѐ оди добро, Меркел би можела да ја осигури иднината на ЕУ.

Една област на која сојузниците на Меркел велат дека би сакала да се фокусира во нејзината агенда за Европа е миграцијата. Тоа може да звучи ризично, со оглед на тоа што критичарите ја обвинуваат дека ја поделила ЕУ токму со ова прашање зашто вршеше притисок за спроведување систем на еднаква распределба низ целиот блок. Но тоа исто така објаснува зошто Меркел би сакала повторно да го разгледа токму ова прашање.

Ако веќе се зборува за наследството на Меркел во Германија и во ЕУ, тоа сигурно е нејзиното справување со бранот бегалци во 2015 година. Многумина ја поздравуваат нејзината одлука да им обезбеди прибежиште во Германија на повеќе од еден милион азиланти, но таа исто така се смета и за главна причина за пораст на популизмот. Оваа реакција објаснува зошто реструктурирањето на европскиот систем за азил останува главен приоритет за Меркел. Европските лидери скицираа општ план за миграциските реформи на нивниот самит во јуни и повторно ќе го разгледуваат ова прашање месецов. Но спроведувањето на планот ќе трае со години и ќе бара поддршка од престолнините на ЕУ за успешно да се заврши. Ако Меркел успее да постави близок сојузник во Европската комисија, шансите за средување на системот и намалување на поделбите на Европа би можеле да бидат многу повисоки.
За умерените европски партии, политичките последици од неуспехот на миграциската политика би можеле да бидат катастрофални. Од Шпанија до Италија, Шведска и особено до Германија, проблемот ја разбранува политичката дебата.

Неодлучноста на Европа кон мигрантите обезбеди подем на популистите. За Меркел да не биде запомнета како германската канцеларка што ја растури Европа, таа или ќе треба да го реши проблемот или ќе треба барем привремено да го стави под тепих. На другите фронтови, мала е веројатноста Меркел да ги прифати радикалните реформи што би сакале да ги видат еврофилите. Откако Макрон претстави амбициозен патоказ за подлабока европска интеграција лани, многумина во ЕУ се надеваа дека Меркел ќе го искористи моментот по новиот добиен мандат во септември. Таа не се согласи да преземе само прилично скромни чекори, главно поради силниот отпор од нејзината умерено-десничарска коалиција.

– Да имаше волја, политичките лидери на Германија ќе одамна ја земаа предвид програмата на Макрон. Но тие се загрижени зашто мора да направат отстапки, кои иако можеби тешко ќе можат да ги избегнат на долг рок, но сепак не сакаат да бидат принудени сега да им го објаснуваат тоа на своите гласачи – заклучува германскиот политички коментатор Кристоф фон Маршал.

Неодлучноста на ЕУ кон мигрантите предизвика подем на популистите. За да не биде запомнета како канцеларката што ја растури ЕУ, Меркел треба или да го реши или да го замрзне проблемот

Едни сакаат други одбиваат водство од Берлин

Надвор од Германија, Меркел се соочува со различни реакции. Загриженоста поради големото влијание на Германија особено е изразена во Јужна Европа, каде што многумина го обвинуваат Берлин за строгите мерки на штедење наметнати врз земји како Грција и Шпанија за време на должничката криза.
За италијанската влада, која сега е предводена од популисти, Берлин е омилена цел на реторички напади. Политичкиот пресврт во Рим е една од причините зошто таборот на Меркел дојде до идејата да ја добие челната позиција во Европската комисија наместо лидерската функција во Европската централна банка, која Германија посакува уште од почетокот на еврото. Се веруваше дека Меркел ќе го номинира нејзиниот поранешен економски советник и претседател на Бундесбанк, Јенс Вајдман, за челната функција на ЕЦБ, како наследник на Марио Драги наредната година.
Меѓутоа, притисокот од неколку земји, меѓу кои и Италија и Франција, беше толку интензивен што Меркел одлучи да се фокусира на претседателството на Комисијата.
Конзервативците веднаш го нападнаа таквиот развој на настаните.
– Што значи тоа за еврото кога еден Германец, како претседателот на Бундесбанк, Јенс Вајдман, не може да биде кандидат за челната позиција на ЕЦБ – праша Холер Сталцнер, еден од издавачите на влијателниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Меркел веднаш нагласи дека не е донесена конечна одлука, но таа сигурно знае дека Германец на претседателската функција во Европската комисија ќе помогне да се смират критиките. Канцеларката, исто така, може да го оправда префрлањето на фокусот, посочувајќи дека многумина во Европа сѐ уште го сакаат водството на Германија. За разлика од јужниот дел на Европа, земјите од Северна Европа, па дури и од Централна и од Источна Европа, се порелаксирани во однос на можноста Европската комисија да добие германски претседател.
– Поради брегзит, улогата на Германија во ЕУ ќе биде уште порешителна. Сите очекуваат Германија, заедно со Франција, да му даде нов импулс на раководството, нови идеи за подмладување на европскиот проект и да постави јасна линија меѓу умерените партии и популистичките движења – изјави хрватскиот премиер Пленковиќ при неодамнешната посета на Берлин.
Сега сѐ што треба да направат тој и сите други поддржувачи на Германија е да ја убедат Меркел, заклучува „Политико“.