Што знаеме за коронавирусот и дали треба да бидеме загрижени?

723

Еј-би-си

Автор: Тиган Тејлор

Епидемијата започна со неколку случаи на пневмонија кај работници на рибен пазар во централна Кина. Сега новиот вирус го крена алармот во светот

Минатиот месец, докторите забележаа нов тип на вирусна пневмонија со симптоми на треска, кашлање и тешкотии во дишењето кај вработените и посетителите на пазарот за морска храна во предградието на градот Вухан во Кина. Оттогаш беа регистрирани 200 случаи и три лица починаа. Минатата недела Тајланд пријави два случаи на кинески посетители кои го пренеле овој тип на вирус, а Јапонија во четвртокот го регистрираше првиот случај на заболен, откако лицето се вратило од Вухан. Што знаеме за коронавирусот и дали треба да бидеме загрижени?

Што е коронавирус?

Здравствените институции и експертите го испитуваат вирусот што е причината за епидемијата во Кина, но коронавирусите не се ништо ново. Постои голема група на вируси што предизвикуваат болести како настинка и гастроинтестинални инфекции, како и поновите САРС и МЕРС. Името го доби според површинските протеини во форма на круна, кои вирусот ги користи за да навлезе во клетките на човекот.

Како се шири вирусот?

Здравствените власти сè уште немаат одговор на прашањето како се шири вирусот. Првично се сметаше дека лицата директно се заразиле на пазарот за морска храна во Вухан, каде што беа регистрирани првите случаи. Нема регистрирани случаи меѓу здравствените работници, но од СЗО велат дека тоа што некои случаи не се поврзани со пазарот, не значи дека треба да се отфрли можноста дека вирусот „се пренесува само од човек на човек“. Најчестите симптоми се треска и тешкотии со дишењето, како што изјави Ирани Тевараџан, докторката за заразни болести на универзитетот во Мелбурн. Симптомите се кашлање, губење здив, брзо дишење, болки во грлото и течење на носот што се типични симптоми на настинка, но се многу поизразени. Таа исто така наведе дека лицата што починале како резултат на вирусот имале и други здравствени компликации.

Сличности со епидемиите на САРС и МЕРС

САРС, кој е друг вид на корнавирус, почна да се шири во јужна Кина на крајот на 2002 година и се рашири во дваесетина држави и однесе речиси 800 човечки животи. Од МЕРС починаа над 850 лица, откако првпат беше забележан во Саудиска Арабија во 2012 година. САРС е особено заразен вирус што лесно се шири меѓу луѓето, како што вели Ален Ченг, експерт по заразни болести и епидемиологија на универзитетот Монаш. МЕРС исто така се пренесуваше од човек на човек. Иако новиот тип на коронавирус однесе неколку животи и првите регистрирани случаи беа сериозни, сепак не треба да се предизвикува страв кај луѓето.

Како владите го контролираат ширењето на вирусот?

Австралиското министерство за здравство соопшти дека не било запознаено со епидемијата и будно ја следи состојбата, но немало потреба да се крева алармот во државата. Авиокомпаниите веќе се обврзани да ги пријавуваат патниците кои ги имаат симптомите за веднаш да бидат изолирани од страна на здравствените власти. Некои држави дури користат термални скенери за да ги откријат лицата со треска, но овој метод не е особено корисен затоа што заболените може да го немаат овој симптом, или да се работи за обичен симптом на настинка, што е многу актуелен овој период.
Во САД мерки се преземаат на аеродромите во Сан Франциско, Лос Анџелес и Њујорк за патниците кои пристигнуваат од Вухан. Кинеските здравствени власти одблиску ја следат епидемијата и сега се во можност да го тестираат генетскиот материјал на вирусот.

Превод: Билјана Здравковска