Што го иритира Трамп во договорот со Иран?

951

Опстанокот на договорот е доведен во прашање по заканите на американскиот претседател за повлекување од спогодбата. Еден од главните приговори на Трамп е дека важноста на договорот е проблематична, бидејќи таа го одложува, наместо да го спречи, иранскиот развој на нуклеарно оружје

Иранскиот нуклеарен договор, познат како Заеднички план за акција (ЈЦПОА), е историско дипломатско достигнување, чија цел е да стави крај на напорите на Техеран за производство на нуклеарно оружје. Договорот беше постигнат во јули 2015 година, по речиси 20 месеци преговори помеѓу Иран и меѓународните сили. Но опстанокот на договорот е доведен во прашање по заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување од спогодбата. Трамп, како што самиот најави, доцна вчера требаше да го каже конечниот збор за иднината на договорот, пренесува „Дојче веле“.
Во согласност со ЈЦПОА, Иран, од една страна, и САД, Германија, Британија, Кина, Русија и Франција, од друга страна, се согласија за укинување на тешките санкции поврзани со иранската нуклеарна програма, која, пак, треба да биде значајно ограничена од Техеран. Договорот стапи во сила во октомври 2015 година, по што следуваше неговата имплементација во јануари 2016 година, истиот ден кога Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) потврди дека иранската нуклеарна програма е насочена кон мирољубиви цели.

Тоа, пак, доведе до укинување на санкциите поврзани со нуклеарната програма, од ОН и од западните земји, вклучувајќи ги и санкциите за финансии, трговија и енергија. Како дел од договорот беа ослободени 100 милијарди долари, кои на Иран му беа замрзнати во странските банки поради нуклеарната програма. Санкциите, како што посочува „Дојче веле“, може повторно да бидат воведени доколку Иран не го почитува договорот. МААЕ во повеќе наврати потврди дека Иран ги почитува сите аспекти од ЈЦПОА.

Истовремено, ЈЦПОА му дозволува на Иран да развива мирољубива нуклеарна програма за комерцијални, медицински и индустриски цели, во согласност со меѓународните стандарди против пролиферација на нуклеарно оружје. Важно е да се истакне дека ЈЦПОА се однесува стриктно на иранската нуклеарна програма. Со него не се опфатени други прашања, како што се иранската програма за балистички проектили, состојбата со човековите права, поддршката за терористичките организации и наводните „дестабилизирачки“ активности на Блискиот Исток. За овие спорни прашања, ЕУ и САД воведоа посебни санкции. Исто така, со посебна резолуција на ОН е покриено прашањето за иранската програма за балистички проектили.

Во периодот на постигнувањето на договорот, американското разузнавање оцени дека на Иран ќе му бидат потребни само три месеци за да произведе фисионен материјал за една атомска бомба. Затоа, со ЈЦПОА беа блокирани потенцијалните патишта за Иран да развие нуклеарно оружје. Па, така, еден од начините е преку ураниумска бомба. Иран поседува два објекта за збогатување ураниум, кој може да бидат искористен за производство на бомба – во Натанз и во Фордов. Со ЈЦПОА е забрането збогатување ураниум во Фордов во период од 15 години. Истовремено, во период од десет години, објектот во Натанз може да има околу 5.000 центрифуги, во споредба со 20.000 пред договорот. Дозволените центрифуги се постари и најмалку ефикасни.

Иран исто така ги намали резервите ураниум за 98 отсто, односно на 300 килограми, и тоа за период од 15 години. Пред договорот, Иран имаше доволно ураниум за изградба на десет атомски бомби, а, според „Дојче веле“, 300 килограми не се доволни ниту за една бомба.
Техеран исто така се обврза да го задржи нивото на збогатен ураниум на 3,67 отсто, што е многу помалку од 90 проценти, колку што е потребно за изградба на нуклеарна оружје. Ураниумот што веќе беше збогатен е испратен во Русија.

Уште еден начин преку кој Иран можеше да произведе нуклеарна бомба е со користење плутониум во реакторот со тешка вода во Арак. Во согласност со ЈЦПОА, реакторот за тешка вода во Арак е редизајниран за да не може да произведува плутониум за оружје. Искористените прачки нуклеарно гориво, кои исто така може да бидат искористени за нуклеарна бомба, беа отстранети од Иран. Па така, во период од 15 години, Техеран не смее да гради реактор за тешка вода, ниту пак да акумулира вишок тешка вода.

Со ЈЦПОА е воведена строг режим на мониторинг, верификација и инспекција од страна на МААЕ. Инспекциите ѝ овозможуваат на МААЕ да ги контролира декларираните нуклеарни капацитети, складишта и синџири на снабдување. Сето ова им дозволува на меѓународните инспектори да откријат дали Иран тајно развива нуклеарно оружје во недекларирани објекти или воени капацитети. Доколку агенцијата открие сомнителни тајни активности, со дополнителен протокол од ЈЦПОА, инспекторите може да ја проверат секоја локација, вклучувајќи ги и воените објекти. Според протоколот, Иран треба да обезбеди пристап до која било локација во период од 24 дена, ако мнозинството потписници на договорот се согласат на дополнителни инспекции.

Американскиот претседател во повеќе наврати ја опиша спогодбата со Техеран како „многу лош договор“. Трамп и администрацијата побараа договорот да биде поправен до 12 мај, во спротивно САД може повторно да ги воведат санкциите против Иран и со тоа ефективно да ја „убијат“ спогодбата, и покрај тоа што Техеран ги исполнува нејзините одредби. Се поставува прашањето зошто тогаш администрацијата на Трамп е против договорот.
– Одговорот лежи во наводните слабости на договорот и еднакво важните прашања, неповрзани со нуклеарната програма, кои администрацијата на Трамп сака сега да ги извади на преговарачката маса, како што се иранската програма за балистички проектили и сѐ поголемото влијание на Исламската република на Блискиот Исток – наведува „Дојче веле“.

Еден од главните приговори на Трамп е дека важноста на договорот е проблематична, бидејќи таа го одложува, наместо да го спречи, иранскиот развој на нуклеарно оружје. Покрај тоа, администрацијата во Вашингтон тврди дека нуклеарната спогодба не обезбедува пристап до забранетите воени локации, кои би можеле да бидат искористени за тајна програма за производство на оружје. Белата куќа бараше да им биде обезбеден пристап на инспекторите до овие локации, барање што беше одбиено од Иран.

Потоа, иако со договорот не е опфатена програмата за балистички проектили, Трамп тврди дека ваквата програма е спротивна на природата на спогодбата и ја смета за закана на американските сојузници во Персискиот Залив и за Израел. Администрацијата во Вашингтон исто така тврди дека одмрзнувањето на сто милијарди долари е лошо, бидејќи Техеран наводно може да ги искористи парите за финансирање на иранските дестабилизирачки активности на Блискиот Исток и за поддршка на терористичките групи. Обвинувања што властите во Техеран енергично ги отфрлаат.


Рохани: Можеме да останеме во нуклеарниот договор, дури и ако САД се повлечат

Иранскиот претседател Хасан Рохани порача дека Техеран може да остане членка на нуклеарниот договор, дури и ако Вашингтон се повлече, доволно е другите земји да ги гарантираат иранските очекувања.
– Или она што го сакаме во рамките на нуклеарниот договор, ќе биде гарантирано од неамериканските земји или нема да се случи тоа, и ќе одиме по свој пат – истакна Рохани.
Тој исто така предупреди дека САД ќе бидат главните губитници ако претседателот ја донесе одлуката со која се заканува со месеци.