Штајнмаер: Маркс не треба ниту да се осудува, ниту да се воздигнува

910

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер ги повика денеска германските граѓани по повод 200 годишнината од раѓањето на филозофот Карл Маркс трезвено да се соочат со ликот и делото на германскиот теоретичар.

– Мислам дека ние Германците во годината 2018, Карл Маркс не треба ниту да го величаме, ниту да го протеруваме од историјата – рече Штајнмаер за време на расправата на тема „200 години од Карл Маркс и историја и актуелност“, одржана во седиштето на претседателот, дворецот Белви во Берлин.

Германскиот претседател заклучи дека Карл Маркс, и покрај контрадикциите, е „голем германски мислител“.

– Ние сме во состојба да прифатиме некој како што е Карл Маркс бидејќи сме земја на која буквално во идентитетот и е напишано спојување на контрадикциите на нашата историја: како најтемни бездни, така и незамисливи височини – рече Штајнмаер.

Тој укажа на тоа дека подвоениот однос кон Маркс посебно се чувствува на истокот на земјата, на подрачјето на поранешната ДР Германија.

– Сретнав многу источни Германци кои кон Маркс имаат подвоен однос: од една страна се среќни дека се ослободиле од него и ДРГ режимот. А од друга страна се надеваат дека една друга страна на Маркс има уште многу да каже. Да речеме, нешто на тема на опасноста што демне од непречениот капитализам и можностите за поправеден и похуман економски поредок – рече Штајнмаер.

Германија со бројни манифестации одбележува 200 години од раѓањето на Карл Маркс. Централната свеченост во неговиот роден Трир започнува во петок, кога се очекува да зборува претседателот на Европската комисија(ЕК) Жан Клод Јункер.