Шри Ланка воведе полициски час и го блокира пристапот до социјалните мрежи

49

Владата на Шри Ланка воведе полициски час на територијата на целата држава и го блокира пристапот до социјалните мрежи и апликациите за допишување поради ескалации на насилство по минатомесечниот велигденски напад во кои беа убиени повеќе од 250 лица.

Воениот командант, Махеш Сенанајеке ги предупреди граѓаните да останат во своите домови.

Полицијата соопшти дека полицискиот час во северозападниот дел од земјата ќе биде на сила до следното соопштение, а во останатиот дел од земјата до вторник наутро.

Владата наведе дека го блокирала пристапот на социјалните мрежи за да спречи циркулација на дезинформации и ширење на информации кои би наштетиле на хармонијата во заедницата.

Како што соопшти полицијата, уапсен е 38-годишен муслимански бизнисмен, Абдула Хамед Мохамед Хасмар поради наводно пишување на коментари на Фејсбук кои го поттикнале насилството. Локалните медиуми јавија дека жителите на областа биле гневни поради коментарите, па ја каменувале неговата продавница.

Владата потоа ги зајакна безбедносните мерки ширум земјата, а полицијата и војниците биле распределени низ училиштата, црквите и клучните владини згради.

Тензиите во Шри Ланка пораснаа откако седум бомбаши самоубијци изведоа напади врз три христијански цркви и три луксузни хотели на 21 април. Одговорност за нападите презеде Исламска држава.