Шпионот на Пентагон со години се криеше пред очите на светот

320
Бил Кован

Не толку одамна, пензионираниот поручник на американската морнарица, Бил Кован, паралелно извршуваше тајни задачи за Пентагон, додека редовно се појавуваше на телевизиската станица Фокс њуз за да разговара за состојбата во војската, пишува „Бизнис инсајдер“. 

Кован сега е во бегство, откако за него беше издадена потерница поради неизвршена исплата кон неговата поранешна сопруга. Тој беше во затвор во 2015 година поради сличен прекршок. 

Американецот познат под прекарот „убиецот со челичен поглед“ беше вклучен во прикриени операции за американската војска, од војната во Виетнам до борбата против тероризмот во Авганистан.

По терористичките напади во Њујорк во 2001 година, Кован редовно се појавувал на Фокс њуз како воен аналитичар. Телевизијата немала сознанија дека тој истовремено бил вклучен во тајни операции на Блискиот Исток. 

– Луѓето го гледаа Кован на телевизија, како некој што би можел да биде нивен вујко, кога тој всушност беше убиец со челичен поглед – кажа Џери Бојкин, пензионираниот генерал-поручник во американската армија.

Кован бил дел од група на воени аналитичари кои добиле пристап до класифицирани информации од Пентагон, пред и за време на војната во Ирак, во рамките на координирана акција за „генерирање на поволно известување во медиумите за администрацијата на тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш во времето на војна“.

– Мојот јавен карактер беше на Фокс њуз. Мојата вистинска личност беше нешто сосема друго – напиша Кован во недовршената автобиографија што ја достави до „Политико“. 

Тој смета дека нема конфликт на интереси при неговото појавување на телевизија додека работел како шпион за Пентагон. Но, неговата маска беше симната по апсењето во 2015 година. Пентагон ја прекина соработката со Кован, за што наводно придонел неговиот критичен став кон поранешниот американски претседател Барак Обама. Фокс исто така одлучи да не го продолжи неговиот договор, следната година. Потоа беше издаден и налогот за апсењето на поранешниот шпион.