Шпанија ќе преземе стотина мигранти од бродот кај Лампедуза

18

Шпанската влада денеска одлучи да испрати брод што ќе однесе стотина мигранти кои моментално се наоѓаат на бродот на невладината организација „Open arms“ во водите на Италија во близина на Лампедуза и да ги пренесе во Шпанија.

-По анализирањето на голем број различни опции, шпанската влада одлучи да испрати еден брод на морнарицата и со тоа да ја реши хуманитарната криза, се вели во соопштението на владиниот кабинет.

Бродот треба да отплови од пристаништето Кадиз и ќе вклучува тим лекари и психијатри.

Патот до италијанскиот остров ќе трае три дена, а покрај приемот на мигрантите, бродот ќе го придружува пловилото на невладината организација до пристаништето Палма на балеарскиот остров Мајорка.

Најмалку 10 мигранти скокнаа денеска од бродот на „Open arms“ во обид да допливаат до островот Лампедуза.