Шефот на италијанската Агенција за лекови поднесе оставка поради односот кон мигрантите

31

Раководителот на италијанската Агенција за лекови Стефано Вела поднесе оставка во знак на протест поради острата политика на Владата во врска со мигрантските прашања, објавија италијанските медиуми.

Одлуката на Вела е реакција на долгото држење на мигрантите на бродот „Дичоти“ во пристаништниот град Катанија на Сицилија, кое заврши синоќа.

– Како лекар не можам да дозволам да раководам државна здравствена институција, во момент кога луѓе се третирани на ваков начин на наша територија, истакна Вела.

Тој додаде дека секој што е против острата политика на министерот за внатрешни работи Матео Салвани, „треба да го направи истото што и јас“.

Мигрантите на бродот „Дичоти“ беа спасени на 16 август. Откако стигнаа на пристаништето министерот Салвани не им дозволи да се симнат на италијанска територија, Тој побара други земји на ЕУ да ги прифатат мигрантите. Салвани дозволи дури синоќа луѓето да излезат од бродот откако Албанија, Ирска и италијанската католичка црква се согласија да ги преземат мигрантите.