Чекањето на смртта е единствен избор во Идлиб

961

Стотици илјади луѓе завршија во Идлиб бегајќи од војната во Сирија, но со оддалеченост на осум километри од фронтот, градот можеби веќе не е засолниште, пишува „Њујорк тајмс“.

Пред војната во Сирија, Идлиб беше познат како мирен град. Денеска е преплавен со семејства кои избегаа од делови на државата зафатени од војна, со што неговата полулација се зголеми на половина милион луѓе.

Некои најдоа засолниште во зградите разурнати од бомбардирањето, други кои не можат да најдат сместување, се сметени на фудбалски стадион, а голем број луѓе чекаат донации на храна.

Жителите се навикнати на гранатирањето што никој не се осврнува на звуците на експлозиите. Но, постојат стравувања дека допрва доаѓа најлошото во последното упориште на бунтовниците во Сирија.

На север безмалку половина милион луѓе живеат покрај патишатата во текот на една од најголемите хуманитарни катастрофи во текот на деветгодишната војна во Сирија. На југ и на исток, сириските владини сили, поддржани од руската авијација се доближуваат. Кога ќе стигнат до Идлиб, неговите милион жители веројатно ќе бегаат.

Ортопедскиот хирург Хикмат ал-Катиб ги наговара неговите родители да се преселат во град на север. Но кога и тоа место беше бомбардирано, неговата мајка одлучи да остане.

– Нејзините зборови ме шокираа. Таа ми кажа дека единствен избор е да се чека смртта – кажа Катиб.

Околу 100 раселени семејства живеат во привремено прифатилиште на фудбалски стадион во Идлиб.

– Дојдовме тука поради воздушните напади. Тие почнаа да исфрлаат бомби. Беше како огнот дa доаѓа од небото – објаснува Амина Сахул.

Луѓето во провинцијата Идлиб немаат мир. Примирјето договорено од страна на Турција и Русија во четвртокот, делуваше дека се почитува наредниот ден, но малкумина веруваат  дека ќе потрае.