Чевларот на Исламската држава ја моли Германија за милост

287

Човекот познат како Суфијан (36), ја моли неговата родна Германија да го прими назад, откако беше заробен по неколку години поминати во Исламската држава (ИД), пренесува сингапурскиот весник „Стретс тајмс“.

Суфијан е еден од стотиците странци заробени од курдските сили во Сирија, под обвинение дека се борел за ИД. Но, тој инсистира дека не бил борец, туку цивил кој правел ортопедски чевли и простетски помагала на територијата контролирана од ИД.

– Јас не сум Џихади Џон, Абу Бакр ал-Багдади, ниту Аднани – порача Суфијан, наведувајќи ги озлогласениот џелат, шеф и сега веќе починатиот гласноговорник на калифатот.

Заробениот маж истакна дека потекнува од Штутгарт, но одби да го открие својот идентитет. Тој го земал името Суфијан кога го прифатил исламот. Германскиот државјанин стигнал во Сирија во март 2015 по што поминал едномесечна воена обука. Тој потоа бил ангажиран во болница на ИД во Рака, каде што научил да прави простетски помагала, благодарение на неговото искуство како чевлар. Суфијан набргу ја запознал својата сопруга Сиријка, со која добил и син. Тие живееле во Рака, се додека градот не бил опколен од курдските сили минатата година, по што избегале во Мајадин. Суфијан и неговото семејство избегале и оттаму, стигнувајќи до курдските сили од кои биле заробени и одделени.

Курдите одбиваат да ги судат заробениците, барајќи од западните држави да ги примат назад. Досега не е познато оти Германија примила назад припадници на ИД, но Суфијан се надева дека тоа ќе го стори во неговиот случај, за тој и неговото семејство да почнат нов живот. Според германските проценки, во Сирија и во Ирак има 290 деца кои бараат германско државјанство.

– Не се борев и не убив никого. Ако се вратам во Германија и ако Германија одлучи да ме казни, ќе го прифатам тоа, ќе останам во затвор. Очекувам Германија да покаже милост – порача Суфијан.

Курдските сили тврдат дека во притвор држат околу 520 мажи членови на ИД, 550 жени и 1.200 деца од 44 држави.