Чарлс Купермен е наследник Болтон

37

Вршител на должноста американски советник за национална безбедност ќе биде Чарлс Купермен, поранешен заменик на Џон Болтон, јави Би-би-си повикувајќи се на извори во Белата куќа.

Откако американскиот претседател Доналд Трамп објави на Твитер дека го разреши советникот за национална безбедност, се појавија информации дека Трамп и Болтон имале несогласувања за голем број предизвици во надворешната политика, од Авганистан до Иран.Многумина во Белата куќа не беа задоволни од однесувањето на Болтон.

– Болтон работи одделно од остатокот од Белата куќа – изјави поранешен функционер на администрацијата на Трамп. Според него, Болтон не присуствувал на состаноците и ги следел своите иницијативи.

Американскиот претседател, Доналд Трамп и досегашниот советник за национална безбедност, Џон Болтон, имале жестока караница за планот на Трамп да ги прими лидерите на талибанците во Кемп Дејвид, пренесе Си-ен-ен повикувајќи се на два неименувани извора запознаени со настаните.

Американската телевизија наведува дека не е јасно дали расправата се водела преку телефон или во живо. Си-ен-ен пренесува и наводи и на неименувани извори од опкружувањето на Трамп дека Болтон со месеци иритирал луѓе не само поради различните политички ставови, туку и поради начинот на однесување.

Изворот прецизирал дека Болтон ги иритирал функционерите во Белата куќа со своите тактики, стилот и храбрите настапи. На пример, како што рекол изворот, Болтон патувал со многу членови од персоналот, понекогаш не со истиот авион како претседателот и се однесувал речиси како да е државен секретар.Си-ен-ен додава дека Болтон не бил во судир само со Мајк Помпео, туку дека не го поднесувал ниту шефот на персоналот на Белата куќа, Мик Малвени.

Многу од функционерите, како што наведува телевизијата, за оставката на Болтон дознале од твитот на Трамп.