Чавушоглу: Односите со Русија не се алтернатива за ЕУ и САД

61

Односите на Турција со Русија не се алтернатива за односите на Републиката со Европска унија или со САД, изјави денеска шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу за време на посетата на Литванија.

– Нашите односи со Русија не се алтернатива за односите со ЕУ или со САД. Надворешната политика на Турција е ориентирана на баланс (во односите) – посочи Чавушоглу.

Тој ја коментираше и посетата на претставници на американскиот Конгрес на Турција, при што тие апелираа Анкара да се откаже од купување на противракетните системи С-400 од Русија, за да добијат авиони ловци Ф-35 од САД. Чавушоглу повтори дека „купувањето на С-400 не е предност на Турција, туку принудна мерка“.

– Нас ни требаат системи за противвоздушна одбрана. Ние сакаме да ги купиме од нашите сојузници, вклучително и САД, но не можеме тоа да го направиме. Може ли Америка да даде гаранции за продажбата на системите „Патриот“? Дури и за Ф-35 постојано се менуваат условите. Купувањето системи за противвоздушна одбрана е крајно неопходно за нашата безбедност – потенцира Чавушоглу.

Тој додаде дека Турција сака да ги реши проблемите со САД по пат на дијалог.