Чавушоглу: Никој не смее да и се заканува на Турција

327

Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу одговори на заканата со санкции на американскот претседател Доналд Трамп и рече дека Турција нема да прима закани од кого било.

Трамп најави „големи санкции“ против Турција поради апсењето на американскиот евангелски свештеник Ендрју Брунсон.

– Никој не и наредува на Турција. Нема да толерираме закани од кого било. Владеењето на правото важи за сите, без исклучоци – изјави Чавушоглу, откако Трамп денеска преку Твитер ги најави санкциите.

Претходно, американскиот потпретседател Мајк Пенс телефонски разговараше со Брунсон, по неговото пуштање од затвор во домашен притвор и побара од Турција да му дозволи на свештеникот да се врати во САД.

Брунсон 20-ина години богослужел во мала црква во Измир. Во 2017 година тој беше уапсен под обвинение за поврзаност со мрежата на муслиманскиот свештеник Фетулах Ѓулен.

Турција бара од САД и да го екстрадираат Ѓулен, за да му суди за обидот за државен удар во 2016 година.