ЦИА мислеше дека е недопирлива во Кина и скапо ја плати грешката?

2585

Кинеските власти разоткриле шпионска мрежа на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) низ нивната држава што резултирало со егзекуција на бројни осомничени американски шпиони, во текот на двегодишен период почнувајќи од крајот на 2010 година, пишува магазинот „Форин полиси“.

ЦИА, наводно, имала пропуст во системот што го користела за да комуницира со своите извори, според пет сегашни и поранешни разузнавачи. Американската разузнавачка служба го вовела системот што го практикувала на Средниот Исток и ги потценила способностите на Кина за негово откривање.

– Имавме став дека сме недопирливи и непобедливи – кажа еден од изворите кој барал да остане неименуван поради осетливоста на информациите.

Меѓу факторите што придонеле за разоткривање на агентите на ЦИА е наводното придобивање на нејзиниот поранешен оперативец Џери Чун Шинг Ли од страна на Кина, во тој период. Ли беше обвинет во САД за поврзаност со аферата, годинава.

– Забележливо беше дека Кинезите не погодуваа. Тие ги наоѓаа вистинските луѓе. Кога работите тргнаа лошо, ситуацијата се влоши многу бргу – истакна еден од разузнавачите.

Изворите проценуваат дека околу 30 агенти на ЦИА биле погубени во Кина, иако некои сметаат дека бројот е многу поголем.

Кога се дознало за протекувањето на информации, ЦИА оформила единица за откривање на причините за пропустот, заедно со ФБИ. Во истрагата биле идентификувани три потенцијални причини за грешката. Се претпоставувало дека кинеските власти добиле информации од агент на ЦИА, дека имало пропусти во работата на американските разузнавачи, како и дека бил разоткриен системот за комуникација.

Системот за комуникација користен во тој период се одвивал преку Интернет и содржел техничка грешка, која ЦИА и ФБИ ја истражиле кога се посомневале во пропустот и наводно забележале можност за разоткривање, според изворите на „Форин полиси“.

Постојат индикации дека Кина ги споделила нејзините сознанија со руските разузнавачки служби каде што САД користеле сличен начин на комуникација. Случувањата во Кина навеле дел од разузнавачите до заклучок дека комуникацијата преку Интернет не може во потполност да биде сигурна. 

ЦИА, ФБИ, Агенцијата за национална безбедност на САД, како и Амбасадата на Кина во САД одбија да го коментираат случајот, за кој претходно пишуваше и „Њујорк тајмс“.