Хондурас најави дека ќе ја премести амбасадата во Ерусалим до крајот на годинава

38

Претседателот на Хондурас, Хуан Хернандез, изјави дека земјата се надева оти ќе ја премести својата амбасада во Ерусалим до крајот на оваа година, пренесува „Анадолија“.

Хернандез соопшти на Твитер дека телефонски разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „за да го зајакнат нивниот стратешки сојуз и да се согласат да ги отворат амбасадите во Тегусигалпа и во Ерусалим“.

– Се надеваме дека ќе го направиме овој историски чекор пред крајот на годината сè додека тоа го дозволува пандемијата – додаде тој, истовремено честитајќи му на Нетанјаху за потпишувањето на договорите за нормализација на Израел со Обединетите Арапски Емирати и со Бахреин на почетокот на овој месец.

Како одговор, Нетанјаху изрази благодарност за солидната поддршка од Хондурас за Израел.

Во моментов има две странски амбасади во Ерусалим: оние на САД и на Гватемала. Неколку земји ветија дека ќе ги пренесат своите амбасади во Ерусалим, вклучувајќи ги Бразил, Унгарија, Молдавија, Романија и, од неодамна, Србија и Косово.