Хакерите се одмаздуваат поради апсењето на Асанж

649

Бројот на обидите за хакерски упади во системите на еквадорските државни институции е двојно поголем откако Еквадор му го укина азилот на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

Според заменик министерот за телекомуникации на Еквадор, Патриси Реал, од минатата недела кога Асанж беше изнесен од амбасадата во Лондон, страниците на претседателството на Еквадор, на Централната банка и на Министерството за надворешни работи, меѓу останатите, се нашле дневно на удар 40 милиони пати од страна на хакерите.

Реал не обвини ниту една група за хакерските обиди за упад, бидејќи е многу тешко да се идентификуваат потенцијалните напаѓачи. Меѓутоа, тој нагласи дека хакерската група Анонимус објавила закана.

Еквадорскиот заменик министер додаде дека при обидите за упад не се украдени никакви податоци, но е отежнат пристапот на работниците и граѓаните до нападнатите страници. Тој нагласи дека Еквадор ќе добие помош за безбедност на интернетот од Израел.

Лондонската полиција го уапси Асанж на 11 април, откако еквадорските власти му го укинаа азилот. Претседателот на Еквадор Ленин Морено веднаш потоа го обвини Асанж дека Амбасадата му служела за шпионирање.