Функцијата не го смени Болсонаро: Криминалците ќе умираат како лебарки

129
Жаир Болсонаро

Крајниот десничар и претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, во изјава за медиумите кажа дека се надева дека криминалците „ќе умираат на улиците како лебарки“ поради неговите драконски закони кои се обидува да ги донесе на сила. Целта на овие промени, според Болсонаро, е да се заштитат безбедносните сили и граѓаните кои се обидуваат да се одбранат од криминалците, објави „Гардијан“.

Бразилскиот претседател исто така рече дека се надева на одобрување на неговите планови од страна на Конгресот. Станува збор за проширување на член во кривичниот закон на Бразил, кој некои вообичаено нелегални чекори ќе ги направи дозволени.

Активистите стравуваат дека овие промени ќе предизвикаат крвопролевање на улиците, но Болсонаро тврди дека ќе овозможат неопходно „легално покритие“ за полицијаците кои би морале да искористат смртоносна сила при вршење на работата, а со тоа драстично би се намалила стапката на насилство.

– Криминалците на улиците ќе умираат како лебарки (доколку се одобрат промените), и така треба да биде – рече Болсонаро.

Тој смета дека и обичните луѓе исто така заслужуават заштита ако се принудени да искористат смртоносна сила за заштита на нивниот живот или имот.

Минатата година, бразилската полиција убила скоро 6.200 луѓе, што е значително повисока бројка од убиените 5.225 лица во 2017 година, покажуваат официјалните статистики.

Инаку, Жаир Болсонаро (64), во светската јавност стана познат како „бразилскиот Трамп“ поради екстремните сфаќања и острата реторика. Тој уште во својата предизборна кампања вети дека ќе и овозможи на полицијата овластувања за да може да пука во дилерите на дрога, но имаше и повеќе навредливи изјави насочени кон жените, мигрантите, хомосексуалците и црномурестите луѓе.