„Фудбалскиот хакер“ ја разниша империјата на најбогатата жена во Африка

380
Руи Пинто

Свиркачот ја чека пресудата затоа што уценувал познати клубови и поседувал информации за најбогатата жена во Африка

Фајненшел тајмс

Автор: Џозеф Котерил

Португалски хакер кој се најде во центарот на скандалот за најголемото незаконско објавување на информации во фудбалскиот свет ја презеде одговорноста за документите кои овој месец ја разнишаа деловната империја на најбогатата жена во Африка Изабел дос Сантос.

Португалецот Руи Пинто, кој во моментов ја чека пресудата за хакирање на информации од најпознатите европски фудбалски клубови, ги презел документите и потоа јавно ги објавил, а во кои беа откриени дел од структурите кои ги користела Дос Сантос, ќерката на поранешниот претседател на Ангола, за да натрупа богатството вредно две милијарди долари, како што пренесе во понеделникот африканската организација за незаконско објавување на документи.

Пинто, кој е основач на порталот „Фудбал ликс“, сакал да ги обелодени незаконските активности или кои не се од јавен интерес, како што соопштува Платформата за заштита на свиркачите во Африка. Според Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари кој ги објави податоците во Ангола, документите што Пинто ги објави покажуваат како Дос Сантос ја искористила нејзината позиција како ќерка на претседателот и директорка на државната нафтена компанија „Сонангол“ за да ги исцрпи државните ресурси.

Дос Сантос ги негираше сите криминали и објавувањето на документите, а последователните обвиненија за перење на пари ги нарече „концентриран, оркестриран и добро координиран политички напад“.

Нејзиниот татко Жозе Едуардо дос Сантос се повлече од претседателската функција на Ангола во 2017 по 38 години на власт. Неговиот наследник Жоао Лауренсо тогаш ја отстрани Дос Сантос од шефовската позиција во „Сонангол“, а на почетокот од месецов ги замрзна нејзините сметки, откако обвинителството соопшти дека заедно со сопругот Синдика Доколо, кој е колекционер на уметнички дела од Конго, не успеале да вратат над една милијарда долари во државните фондови.

Изабел дос Сантос

Од Платформата за заштита на свиркачите во Африка велат дека фактот што Пинто бил изворот покажува дека објавувањето „немало политичка цел“. Вилијам Бурдон, адвокатот на Пинто, кој исто така е коосновач на Платформата, порача дека документите ќе бидат од огромна корист во обвинителството. Тој изјави дека исто како во случајот со „Фудбал ликс“, тие откритија треба да бидат причина за отворање на нова истрага и притоа да помогнат во борбата против неказнивоста на финансискиот криминал во Ангола и во светот.

Кога Пинто им ги испратил документите на европските новинари за даночните скандали и исплатата на играчите како Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Жозе Мурињо, тој изјави дека неговата цел биле „незаконските практики во светот на фудбалот“.

Пинто го отвори порталот „Фудбал ликс“ во 2015 година. Тогаш на новинарите ги предаде податоците вклучувајќи 70 милиони документи, со помош на кои беа отворени големи истраги во 2016 и во 2018 година.

Поради обелоденувањето на документите, кои вклучуваа информации за Манчестер сити и португалската Премиерлига, беа отворени истраги во Белгија и во Франција. Пинто планираше да соработува со француските власти, но беше уапсен лани во Унгарија, поради налогот што го издаде Португалија. Во моментов ја чека пресудата во португалски затвор, за обвиненија меѓу кои се и обид за изнудување и незаконско хакирање. Пинто ги негираше сите обвиненија.

Превод: Билјана Здравковска