Францускиот суд ја осуди саудиската принцеза

291

Францускиот суд ја прогласи за виновна ќерката на саудискиот крал, принцезата Хаса бин Салман, за виновна за соучесништво во насилство и ја осуди на 10 месеци условна казна.

Принцезата Хаса е осудена дека му наредила на телохранител да претепа работник во нејзиниот луксузен стан во Париз.

Според наводите во обвинението, работникот Ашараф Еид ѝ кажал на полицијата дека телохранителот му ги врзал рацете, го клоцал и го принудил да ѝ ги бакне нозете на принцезата кога претходно таа го обвинила дека ја снимал со мобилниот телефон.

Рекол дека принцезата го третирала како куче, па додека телохранителот го тепал, таа му велела: „Ќе видиш како се разговара со принцеза, како се разговара со кралско семејство“, пренесе „Ројтерс“.

Нејзиниот адвокат Емануел Мојн пред почетокот на судењето изјави дека истрагата против неа е заснована на невистини. Тој пресудата ја нарече неразбирлива и најави дека ќе поднесе жалба.

Принцезата не присуствуваше на изрекувањето на пресудата.

Како што пренесе АП, нејзиниот телохранител Рани Саида доби осум месеци условно и 5.000 евра парична казна.