Франција и САД планираат да ги евакуираат своите државјани од Вухан

75

Франција планира да ги евакуира француските државјани од Кина, откако кинеската влада реши да го стави градот Вухан во карантин по избувнувањето на епидемијата на корона вирусот, објавија денеска кинеските медиуми, повикувајќи се на е-пошта од францускиот конзулат.

Во меѓувреме, Соединетите американски држави организираат чартер лет за да ги вратат своите граѓани и дипломати од Вухан. Авионот, со околу 230 места, ќе ги превезе странските дипломати од американскиот конзулат, како и американските државјани и нивните семејства, објави „Вол стрит џурнал“, повикувајќи се на неименуван извор.

Вашингтон добил одобрение од кинеското Министерство за надворешни работи и другите владини агенции по неколкудневните разговори дека може да ја организира операцијата, наведе весникот.

САД исто така планираат привремено да го затворат својот конзулат во Вухан.