Франција ги заострува правилата за азил

187

Долниот дом на францускиот Парламент синоќа со големо мнозинство одобри контроверзен закон кој ги заострува правилата за азил.

За законот гласаа 228 пратеници, 139 беа против, 24 воздржани, а расправата за законот треба да продолжи во јуни во Горниот дом, односно Сенатот.

Според законот, времето кое илегалните мигранти можат да се држат во притвор се зголемува на рок до 90 дена, се намалува рокот за поднесување барање за азил, а илегалното преминување граница се казнува со едногодишна казна затвор или со парична казна.

Законот на малолетниците им ја олеснува процедурата за добивање азил и има за цел да го преполови времето кое на властите им е потребно за да обработат барање за азил.