Ученикот од Тексас го планирал нападот во училиштето и го опишувал во дневник

1828

Ученикот од Тексас, обвинет за нападот во средно училиште во градот Санта Фе во Тексас, Димитриос Пагурцис, за кој другарите велат дека бил мирен и повлечен, плановите за нападот ги опишувал во дневник, вклучувајќи и план да се самоубие, соопштија американските власти.

Покрај тоа, 17-годишниот Пагурцис на фејсбук објавил фотографија со кошула со натпис „роден да убива“.

– При вчерашниот напад, во кој беа убиени десет лица, претежно ученици, а десет други беа повредени, користел пушка и пиштол од својот татко, се додава во соопштението.

Засега не е познато дали татко му знаел дека син му го земал оружјето. 

Мотивот за нападот засега не е познат, но гуверенерот Грег Абот вели дека Пагурцис плановите за напад ги забележувал во своите дневници кои ги чува во компјутер и на мобилниот телефон, кои сега се запленети од полицијата.

– Не само што сакал да изврши напад со огнено оружје, туку сакал и да изврши самоубиство, вели Абот, додавајќи дека Пагурцис на властите им изјавил дека „немал храброст“ да си го одземе животот.

Гувернерот вели дека експлозивните направи, меѓу кои и молотов коктел, се најдени во куќата и во автомобилот на осомничениот, но и во близина на училиштето.

Абот на прес-конференција посочи дека Пагурцис немал криминално минато, ниту проблеми со законот.

Другарите од класот го опишуваат како тивко момче, кое сака да игра видео-игри. Во училиште вообичаено доаѓал во црн капут и црни чизми. 

Пагурцис играл за училишниот фудбалски тим, а бил член и на фолклорната група при локалната грчка православна црква.       
        
Локалниот шериф Хенри Точесет изјави дека тој се наоѓа во затвор во околината Галевестон, на основа на обвинение за убиство.       
                
Коментирајќи го нападот, американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека тој е „апсолутно ужасен“.

–  Мојата Администрација е решена да стори се што е во нејзина моќ за да ги заштитиме нашите ученици, да ги обезбедиме нашите училишта и да го држиме оружјето подалеку од рацете на оние кои претставуваат закана за себе и за другите, нагласи Трамп.

Ова е втор најсмртоносен напад во училиште во САД годинава, по оној во февруари во сојузната држава Флорида, кога загинаа 17 лица.