Успеа ли планот на Вухан да ги тестира сите 11 милиони жители?

223
Властите во Вухан велат дека во еден ден тестирале речиси 1,5 милион жители

Кинеските власти си поставија цел за десет дена да ги тестираат сите 11 милиони луѓе од градот Вухан, кој беше првото жариште на коронавирусот. Анализа на податоците открива дали успеа амбициозниот план

Кина во изминатите денови спроведе амбициозен план да ги тестира сите 11 милиони жители на градот Вухан, каде што првпат изби пандемијата на новиот коронавирус. Властите си поставија цел да спроведат масовно тестирање, откако се појави нов кластер на случаи со ковид-19. Тие најавија оти ќе ги тестираат жителите на градот во период од десет дена, почнувајќи од 14 мај. Анализа на податоците од тој период открива дали кинеските власти успеаја да го изведат овој неверојатен подвиг.

Се проценува дека Вухан има население од 11 милиони жители. Но оние што веќе биле тестирани седум дена пред да почне масовното тестирање во нивната област, како и сите деца под шест години, се исклучени од тестирањето. Вкупниот број би можел да се намали уште повеќе, имајќи предвид дека некои жители што го напуштија Вухан пред воведувањето на строгиот карантин во јануари, можеби не се вратиле во градот, посочува Би-би-си.

Властите рекоа дека ќе почнат со масовното тестирање меѓу луѓето за кои сметаат дека се најмногу изложени на ризик, како оние во погусто населените области или оние на клучните работни места, како што е во системот на здравствената заштита. Притоа би требало да се разгледа временската рамка, која се помести во однос на првичната објава. Властите на Вухан подоцна посочија дека различни области во градот ќе почнат да тестираат во различни периоди.

– Секоја област ги завршува своите тестови во рок од десет дена од денот на почнување на тестирањето – посочи Центарот за контрола на болести во Вухан, кој практично го продолжи рокот за тестирање во однос на првичната најава.
Наспроти сѐ, ова и понатаму е многу амбициозен план, па затоа е интересно да се анализира колку кинеските власти стигнале блиску до постигнување на целта, односно колку лица навистина се тестирани. Сите податоци што се на располагање се објавени од локалните здравствени власти во Вухан и треба да се нагласи дека во моментот не може да се изврши независна проверка за бројките, посочува Би-би-си.

За да се открие точниот број, може прво да се почне со капацитетот за тестирање на Вухан пред објавата за масовно тестирање на сите жители. Според кинеските медиуми, во градот имало околу 60 центри, со вкупен максимален капацитет од 100.000 теста на ден. Со такви капацитети е невозможно да се тестира целото население за десет дена, што значи дека кинеските власти морале значително да ги зголемат капацитетите за да можат да ги исполнат поставените цели. Еден начин да се засили капацитетот за тестирање е да се користи методот на групно тестирање.

Кинеските државни медиуми објавија дека ова е користено во Вухан. Овој процес ги групира индивидуалните примероци за тестирање заедно за да го забрза целиот процес. Извештаите сугерираат дека се користени групи од пет до 10 примероци во Вухан, а индивидуални тестови биле вршени само ако групата или серијата имаат позитивни резултати од ковид-19. Ова е ефикасен начин за тестирање голем број луѓе каде што нивото на инфекција е ниско, бидејќи повеќето групи или серии би биле имале негативни резултати. Надлежните власти засега велат оти откриле над 200 позитивни случаи од сите досега направени тестови.

Дури и со такво тестирање на серии, капацитетот за обработка ќе треба масовно да се зголеми. Здравствените власти во Вухан велат дека извршиле 1,47 милион во еден ден, 22 мај, што е значително зголемување од 100.000 теста на ден пред почетокот на оваа масовна кампања за тестирање. Според веб-страницата на Здравствената комисија во Хубеи, вкупно се земени девет милиони примероци за тестирање до 24 мај, односно десет дена по почнувањето на кампањата.

Од нив, комисијата вели дека биле процесирани 6,57 милиони примероци. Како што посочува Би-би-си, тоа е голем број и иако не е можно да се провери самостојно, се чини дека Вухан успеа да тестира поголем дел од своето население за период од само десет дена и, според досегашните тврдења, може набргу да ги тестира сите 11 милиони жители.