Урсула фон дер Лејен е новата претседателка на Европската комисија

146

Европскиот парламент официјално ја избра германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен, за нова претседателка на Европската комисија, на местото на Жан-Клод Јункер.

За неа гласале 383 пратеници, додека 327 биле против, а 22 воздржани. Само едно ливче било неважечко.

За да стане претседателка на Комисијата, Фон дер Лејен требаше да добие поддршка од апсолутно мнозинство пратеници, односно најмалку 374 гласа. Гласањето беше тајно.

Фон дер Лејен во говор пред Европскиот парламент, пред гласањето, ги истакна климатските промени како главен проблем со кој се соочува Европа.

– Најголем предизвик во овој момент е нашата планета да остане здрава, тоа е најголема одговорност на нашето време. Сакам Европа да стане прв континент со нулта стапка на емисија на ЦО2 до 2050 година – рече таа.

По долготрајните преговори во Европскиот совет, европските лидери на почетокот на месецов ја предложија Фон дер Лејен за претседателка на ЕК.

Таа од 2005 до 2009 беше германска министерка за семејство, од 2009 до 2013 министерка за труд, а во 2013 година стана министерка за одбрана.