Ураганот Доријан голема закана за источниот брег на САД

279
Жителите на Флорида купуваат неопходни намирници пред можниот налет на Доријан

Доријан бавно се движи во западна насока и може да погоди области на источниот брег на САД. Поради тоа, американските сојузни држави Флорида, Џорџија, Северна и Јужна Каролина прогласија вонредни состојби. Ураганот досега предизвика големи материјални штети на неколку острови на Бахамите

Ураганот Доријан предизвика големи материјални штети на неколку острови на Бахамите, при што досега е регистрирана една жртва. Локалните власти стравуваат дека бројот на загинати може да биде поголеми, бидејќи при налетот на ураганот, проследен со ветришта до 320 километри, урнати се повеќе згради и други објекти. Во меѓувреме, Доријан бавно се движи во западна насока и може да погоди области на источниот брег на САД. Поради тоа, американските сојузни држави Флорида, Џорџија, Северна и Јужна Каролина прогласија вонредни состојби. За сериозноста на ситуацијата доволно говори и фактот дека американскиот претседател Доналд Трамп ја откажа планираната посета на Полска, пренесуваат светските медиуми.

Американскиот Национален центар за урагани (НЦУ) соопшти дека Доријан бавно се движи низ Големите Бахами, откако претходно ги погоди Островите Абако. И двата островски синџири се дел од архипелагот Бахами, а Големите Бахами, со население од околу 50.000 жители, се наоѓаат на само сто километри источно од популарната туристичка дестинација Вест Палм Бич на Флорида.

Би-би-си наведува дека малку информации се достапни од погодените бахамски острови поради прекинот на снабдувањето со електрична енергија и ограничениот пристап до Интернет. Сепак, Латре Раминг, поранешен советник на бившиот премиер Пери Кристи, објави видеоснимки на интернет, на кои може да се забележат големи разурнувања и штети на Островите Абако, кои се дом на околу 17.000 лица. Раминг изјави дека главното пристаниште на Абако и околните места се поплавени од големите бранови, кои на некои точки достигнале височина од дури 20 метри.
Џој Џибрилу, директорот на Министерството за туризам и авијација, порача дека најзагрозените места личат како да поминало торнадо низ нив.

– Сѐ е уништено. Направена е голема штета на имотите и инфраструктурата – истакна Џибрилу.
Во меѓувреме, Владата отвори 14 засолништа, а десетици цркви, училишта и други згради ги стави на листата со вонредни засолништа. Сепак, постои стравување дека преполнетите објекти ќе принудат многу лица да побараат други засолништа што не се на владината листа за вонредна помош со храна и вода.

Островската земја е честа цел на урагани, а локалните домови треба да бидат дополнително зацврстени за да можат да издржат ветришта, со јачина на бура од четврта категорија. И покрај тоа што Доријан се движи во западна насока, прогнозите говорат дека ураганот може постепено да заврти кон север или северозапад, при што на удар ќе биде источниот брег на САД, а истовремено тешко е да се предвиди точно која област е најзагрозена. Поради тоа, претседателот Трамп ја откажа планираната посета на Полска и оствари средба со претставниците на телата за справување со кризи и вонредни состојби. Тој изјави дека бурата засега изгледа монструозно.
– Источниот брег на САД би можел да биде погоден, а некои негови делови да се соочат со голем удар – предупреди Трамп.

Шефот на Белата куќа прогласи сојузна вонредна состојба за Флорида, а гувернерот на државата Рон де Сантис активира 2.000 припадници на Националната гарда. Де Сантис ги предупреди локалните жители да бидат посебно внимателни и оти е можна промена на предвидената маршрута на бурата.
– Бура од овој степен може да предизвика масовни разурнувања и штети – изјави гувернерот на Флорида.

Поради опасноста од доаѓањето на Доријан, повеќе популарни туристички атракции, помеѓу кои и познатиот „Дизниев свет“ во Орландо, соопштија дека внимателно ја следат бурата.
По Флорида, вонредна состојба прогласија и сојузните држави Џорџија, Јужна и Северна Каролина.


Климатските промени одговорни за големите урагани?

Научниците не можат со сигурност да потврдат дека климатските промени се одговорни за зголемениот број разурнувачки урагани. И покрај тоа што 2018 година беше трета година по ред со натпросечни бури во Атлантската сезона, годините мошне се разликуваат. Сепак, многумина веруваат дека климатските промени влијаат врз големината и разурнувачката моќ на бурите. Тоа се должи на две главни причини. Прво, зголемувањето на температурата на морската површина ги засилува ветриштата во бурите и исто така го зголемува количеството дождови што го носат ураганите. Второ, тука е проблемот со зголемувањето на нивото на морето. Прогнозите говорат дека нивото на морињата може да се зголеми за еден метар во наредните сто години, драстично зголемувајќи ја опасноста од поплавувања на крајбрежјата во текот на бурите.