УНХЦР побара од европските земји да ги примат бродовите со мигранти

99

Eвропските влади итно да дозволат влез за повеќе од 500 лица, спасени на Медитеранот, чии спасувачки бродови останаа блокирани на море, откако европските земји одбија да ги прифатат во некое од своите пристаништа, порача Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, УНХЦР.

Специјалниот пратеник на УНХЦР, Винсент Кошетел, денеска изјави дека ова е „трка со времето“, појаснувајќи дека доаѓаат бури и временските услови само ќе се влошуваат.

УНХЦР тврди дека речиси 600 луѓе загинале или исчезнале во водите меѓу Италија и Либија оваа година.

Повеќе од 500 спасени мигранти на Медитеранот се наоѓаат на два брода на невладини организации, додека Италија и Малта и натаму одбиваат да ги примат во некое свое пристаниште.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини повтори дека не планира да овозможи на бродовите со мигранти да влезат во италијанските пристаништа. И Шпанија денеска го одби барањето да прими 31 малолетен мигрант од бродот „Опен Армс“.