Умислениот владетел на Европа ги најави целите преку посетата на Кина

930

Преку неговата посета на Кина, Макрон ги најави неговите цели за ЕУ и новата Комисија

Политико

Авторка: Рим Момтаз

Емануел Макрон беше застанат пред европското знаме во Домот на народното собрание на Кина, а веднаш до него стоеше неговиот кинески колега Си Џинпинг, до знамето на неговата држава. Двајцата се смешкаа пред камерите, но во позадина го немаше француското знаме.

Ова беше многу необична сцена со оглед на тоа што Макрон нема формален мандат во ЕУ, но се чини дека, барем за Кина, францускиот претседател е сметан за лидер на Европа. Двајцата лидери гледаа како кинескиот министер за трговија Џонг Шан и сегашниот европски комесар за трговија Фил Хоган го потпишаа европско-кинескиот договор за географски индикации (ГИ), со што ќе се обезбеди заштита на интелектуалната сопственост за европскиот извоз на гастрономски производи за Кина. Церемонијата загуби дел од важноста откако францускиот претседател околу 48 часа претходно го најави договорот на Европската комисија.

Преку неговата посета на Кина, Макрон ги претстави целите за ЕУ и на новата Комисија, ги критикуваше претходните постигнувања и ги потенцираше сè уште неостварените можности за прераснување во светска сила доколку би дејствувала самостојно. Неговата одлука да ги дискутира политиките на ЕУ често и јавно, додека е во странска посета надвор од блокот, е особено впечатливо и покажува како еден лидер цели кон еден покохезивен европски став надвор, а самиот тој да се претставува како негов предводник.

– Разговарав со претседателот Си Џинпинг за мојата желба да изградам посилен европски суверенитет и силно верувам дека е во најдобар интерес на нашите големи партнери да имаат обединета и силна Европа како посредник во решавањето на актуелните сериозни проблеми – порача Макрон во заедничкото соопштение со Си во средата во Пекинг.

Распоредот на актерите на церемонијата за потпишување на договорот покажа дека Хоган му е подреден на Макрон што технички не е точно, но е реално во пракса. Макрон ја презеде водечката улога во избирање на новата претседателка на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, и поголем дел од нејзината програма ги одразува неговите европски приоритети.

Еден претставник од француската влада објасни што се случува зад сцената. Од сите страни постоела желба да се случи потпишувањето на договорот на претседателско ниво за да се нагласи неговата важност, а посетата на Макрон беше најдобрата шанса.
Преговорите за овој договор траеле со години, а Франција направила последен обид кога Макрон го пречека Си во март во Париз, додека на состанокот присуствуваа и германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот во заминување на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Одлуката за Макрон да присуствува на церемонијата за потпишување била во договор со Меркел и Јункер, како што вели владиниот претставник.

Франција исто така има значајна улога во приказната, со оглед на тоа што четвртина од 100-те европски географски индикации вклучени договорот се поврзани со француски производи. Но заштитата на ексклузивните гастрономски брендови исто така е важен дел од европската трговска политика. Во големата светска трговска игра за превласт меѓу ЕУ, САД и Кина, поставувањето на правилата за дел од најисплатливите европски земјоделски производи со Пекинг, е од клучно значење за истиснување на американската конкуренција.

Договорот покажува дека еден кинески производител на млечни производи не може да произведува врвна горгонзола или грана падано и да го продава во Кина. Уште поважно е што, да речеме, еден производител на сирење од Висконсин не смее да извезува производи со тие имиња во државата. Ова го ограничува обемот на каков било иден трговски пакт меѓу Вашингтон и Пекинг. Договорот претставува уште една победа за ЕУ по договорите со Јапонија, Мексико, Канада и јужноамериканскиот блок Меркосур во обидот за воведување на системот за географски индикации. Ова се случи и покрај агресивното лобирање на Вашингтон во државите од светот да не ги потпишуваат европските барања за заштита на врвни производи.

Никогаш претходно не се случило еден претседател на европска членка вака да пристапи на државна посета што се смета за дипломатски билатерален интерес „пар екселанс“ на експлицитен европски мултилатерален начин. Точно, Макрон успешно склучи многу договори за француските компании, што е стандардна процедура за такви посети. Но неговиот наметлив избор за да го претставува европското лидерство на меѓународната сцена ризикува да го разбранува Брисел и другите европски држави. Но неговата суштина исто така ја препознаваат некои од јадрото на европската моќ и не се однесуваше само на официјалната церемонија на потпишување.

За разлика од строго германската делегација на Меркел, Макрон избра да го поведе Хоган и германската министерка за образование и истражување Ања Карличек која ја претставуваше Меркел за време на неговата посета на Кина, за да покажат обединет европски став и да ги зајакнат преговорите со втората најголема економија во светот.
Не само што Хоган и Карлчек ја прифатија поканата на Макрон, тие исто така беа присутни заедно со германски и француски директори на состанокот што се одржа во понеделникот во Шангај за да се испитаат европските деловни потреби во Кина, во пресрет на Кинескиот саем за меѓународен увоз.

Во воведот од неговото обраќање, Макрон „сметал дека е важно да биде вклучена и европската координација и дека колку повеќе се користи француско-германскиот и европскиот пристап, толку е поголема веродостојноста и резултатите“.

Потоа му го украде шоуто на Хоган со тоа што го поздрави договорот меѓу Европа и Кина два дена пред официјалното потпишување во средата. Но тоа не го спречи Хоган да го признае лидерството на Макрон. Пред јавноста тој порача дека „претседателот Макрон е некој што дефинитивно е во првите борбени линии за решавање на многу прашања“.

Новиот трговски комесар немаше јавно обраќање во средата, но затоа Макрон два пати се обрати во заедничка прес-конференција со Си и потоа одржа засебна прес-конференција и повторно го стави во втор план вчерашното обраќање на Хоган.
Само на ова патување, Макрон изјави дека на Европа ѝ е потребна динамика за климатски промени, ги обвини строгите политики на штедење кои ЕУ ги наметна за време на кризата во еврозоната во 2008 година, дека ги натерала државите како Грција и Италија да се свртат кон Кина, и ја исмеа ЕУ дека не можела да даде предлози без притоа да се потпре на „постариот американски брат“.

Макрон можеби е претседател на Франција, но со тоа што Европската комисија е заглавена во транзициски круг, тој изгледа како човек со многу поголеми амбиции.

Превод: Билјана Здравковска