Украинските власти ги ставаат на аукција милениците на луѓето со долгови кон државата

133

Расни кучиња запленети во Украина врз основа на судска наредба поради долговите на нивните сопственици, ќе бидат продадени на аукција преку интернет, што предизвика бројни критики во јавноста.

Многумина првично мислеле дека аукцијата на државната интернет-страница за продажба на запленета стока е шега, но кога на аукција се понудиле две кучиња, се покажало дека во прашање се вистински миленици, пишува Би-би-си.

Опозицискиот пратеник Михајло Волинец објави фотографии од двете кучиња, со порака дека властите ги користат истите како уцена за наплаќање на долговите. Почетната цена за овчарско куче била 44 евра, а за другото била многу пониска сума.

„Навистина мора да ги одземеме милениците од сопствениците. Иако беа однесени поради долгови на нивните поранешни сопственици, често се докажува дека ова е најдоброто решение за нив, затоа што во вакви случаи финансиски немоќните газди многу лошо постапуваат кон своите миленици – изјавил украинскиот министер за правда, Денис Маљушка.

Животот е многу скап за многу Украинци, а во последните години пензионерите имаат проблем со остриот пораст на цената на гасот. Претходно годинава, член на владејачката партија на претседателот Владимир Зеленски се извини откако јавно советувал пензионерка, кој едвај врзувала крај со крај, да го продаде своето куче.

Ресорниот министер исто така се правдал дека запленетите миленици често се откупуваат од страна на сопствениците или нивните роднини и тоа за симболична сума.