Украинскиот јазик стана задолжителен за јавните службеници

173

Украинскиот парламент усвои закон со кој на украинскиот јазик му се дава посебен статус и го прави задолжителен за вработените во јавниот сектор. Русија објави дека овој чекор ги продлабочува поделбите во украинското општество и врши дискриминација кон рускиот јазик.

Законот ги обврзува сите граѓани да го знаат украинскиот јазик кој станува задолжителен за државните службеници, војниците, лекарите и наставниците. Тоа беше промовирано од претседателот во заминување, Петро Порошенко.

Се очекува дека тој ќе го потпише законот пред да си замине од власт во следните неколку недели, по загубата на изборите од неговиот ривал, Володимир Зеленскиj.

Украинскиот јазик е доминантен јазик во Западна Украина, а рускиот е во поголемиот дел од истокот. Двата јазика се зборуваат во главниот град, Киев, а голем дел од населението добро ги зборува и двата јазика.

Прашањето за јазикот стана почувствително во 2014 година, кога беше соборен про-рускиот претседател, по што Русија одговори со анексија на Крим со поддршка на проруските бунтовници во источниот дел на земјата.