Убиен долгогодишниот телохранител на двајца кралеви во Саудиска Арабија

425

Долгогодишен личен телохранител на двајцата кралеви на Саудиска Арабија е убиен во расправија од страна на негов пријател, соопштија државните медиуми.

Во извештајот не се изнесуваат детали зошто пријателот го застрелал телохранителот, генералот Абдулазиз ал-Фагем, кој честопати се појавуваше во придружба на кралот Абдула, кој почина во 2015 година, а се грижеше и за безбедноста и на сегашниот монарх на Саудиска Арабија, кралот Салман.

Генералот ал-Фагем бил добро позната личност во саудискиот кралски двор, кој го надгледувал обезбедувањето на кралот и честопати се појавувал во негова близина, во неговата црна униформа на Кралската гарда, носејќи беретка.

Според саудиската агенција за печат, генералот ал-Фагем во саботата навечер бил во посета на пријател во пристанишниот град на Црвеното Море – Једах, кога пристигнал уште еден пријател. По расправија која настанала меѓу нив, вториот пријател излегол и се вратил со пиштол, пукајќи и ранувајќи го генералот ал-Фагем и уште две лица, соопшти агенцијата.