Уапсен ексшефот на кабинетот на премиерот во Малта за убиството на новинарката

179

Поранешниот шеф на кабинетот на премиерот на Малта, Кит Шембри, е уапсен во рамки на истрагата за убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција во 2017 година.

Извори од полицијата навеле дека тој два дена по ред е на сослушување во рамки на истрагата за убиството на новинарката.

Шембри вчера поднесе оставка под притисок од јавноста поради наводни финансиски врски со бизнисменот Јорген Фенех, кој минатата недела, исто така, беше уапсен во врска со убиството на Дафне.

Полицијата не соопштува зошто Шембри е уапсен ниту дали е осомничен во случајот. Засега ниту Шембри нути Фенех јавно не се огласија по апсењата.

Фенех беше задржан во притвор пред една недела откако се обиде да ја напушти Малта со јахта, еден ден откако медиумите во Малта објавија дека е уапсен Мелвин Теума, наводен посредник во убиството, кој, пак, во понеделникот беше помилуван од претседателот во замена за информации за случајот.

Три лица чекаат судење за поставување на бомбата под автомобилот на новинарката, а полициски извори велат дека дошло до голем напредок во истрагата за тоа кој го нарачал убиството.

Дафне Каруана Галиција, една од најпознатите истражувачки новинарки во Малта, беше убиена во експлозија на бомба на 16 октомври 2017 година поставена под нејзиниот автомобил паркиран пред нејзината куќа. Таа на својот блог објавуваше текстови за корупција во која биле вмешани членови на владата на премиерот Џозеф Мускат, меѓу кои и Шембри.