Туск: Проширувањето на ЕУ е приоритет

42

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека политиката на проширување на ЕУ е приоритет, не само кога е Црна Гора во прашање, туку за целиот регион.

По средбата со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, Туск истакна дека протестите во таа земја не се проблем, туку се нормални и типични за секое демократско општество.

Ѓукановиќ и Туск се согласија дека проблемите со кои се соочува Црна Гора, и целиот регион, се можност за изградба на ефикасни државни институции и владеење на правото, што е „најдобра препорака за напредокот во интеграциите“, јавува РТЦГ.

Туск, обраќајќи се на Ѓукановиќ истакна дека нивното пријателство е традиција и оти политиката на проширување е приоритет не само кого е во прашање Црна Гора, туку и регионот во целина.

Црногорскиот претседател, од своја страна, оцени дека иднината на Западен Балкан е без алтернатива, односно таа е европска и евроатлантска. Тој посочи дека Западен Балкан нема привилегија да има друг избор, имајќи го предвид историското наследство кое упатува дека меѓу европската и евроатлантската перспектива на регионот и неговата стабилност има знак на еднаквост.

– Во тој контекст, Црна Гора ја креира својата државна политика како промотор на европските и евроатлантските вредности во регионот. Балканот е оставен предолго надвор од Европа и единствен пат за регионот е интеграција. Црна Гора тоа во целост го разбира и поради тоа посветено работиме на реализација на таа стратешка цел, како и на економски раст и развој и зголемување на квалитетот на живот на нашите граѓани- потенцира Ѓукановиќ.

Тој го поздрави договорот меѓу Скопје и Атина и го потенцираше значењето на политичката волја и на бенефитот на сите страни во процесот на решавање на толку тешки прашања, што, според него, може да биде поттик за регулирање на односите меѓу Белград и Приштина, како и за функционалноста на Босна и Херцеговина.

Претходно, по средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, Ѓукановиќ потенцираше дека по решавањето на спорот меѓу Атина и Скопје, треба да се работи на решавање на преостанатите проблеми во регионот.

Столтенберг, пак, потсети дека минатиот месец НАТО направи важен чекор и ја поздрави новата членка на Алијансата – Северна Македонија. Тој нагласи дека сите 29 членки го потпишаа Протоколот за пристапување и оти во сојузничките држави продолжува процесот на ратификација.

– Кога ќе заврши тој протокол, ќе ја поддржиме Северна Македонија како следна членка на НАТО- истакна Столтенберг.